„ЕУ за општините“ го објави првиот практичен прирачник за управување со проекти финансирани од ЕУ
Техничката помош на проектот „ЕУ за општините“ го објави првиот практичен прирачник наменет директно за општините во Северна Македонија. Истиот е насловен „Прирачник за општините за управување со проекти финансирани од ЕУ (2026)“ и претставува практична алатка која на едноставен и разбирлив начин ги објаснува клучните чекори, методологии и пристапи потребни за подобрување на квалитетот на подготовка и имплементација на ЕУ проекти, како и поефикасно користење на средствата што Европската Унија ги става на располагање.
Со овој прирачник, Европската Унија преку „ЕУ за општините“ дополнително ја зајакнува поддршката за општините подобро да ја разберат логиката на ЕУ-финансираните проекти и ги зајакнува нивните капацитети за подготовка и спроведување на поквалитетни иницијативи со мерлив локален импакт.
Во својот предговор, Амбасадорот на Европската Унија во Северна Македонија, Михалис Рокас нагласува дека општините се местото каде што европските политики се преточуваат во конкретни подобрувања во секојдневниот живот и тоа преку подобри услуги, позелени решенија, посилни локални економии или поинклузивно управување. Тој додава дека во изминатите години, проектот „ЕУ за општините“ покажа дека европската интеграција не е апстрактен процес, туку партнерство изградено на соработка, доверба и конкретни резултати.
„Остварените конкретни резултати во рамки на проектот „ЕУ за општините“ јасно покажуваат дека поддршката на ЕУ за Северна Македонија не е само ефикасна, туку и доследна и долгорочна, поддржувајќи ја земјата во нејзините реформски напори, како и на нејзиниот пат кон полноправно членство во Европската Унија“, заклучува Евроамбасадорот Рокас во своето воведно обраќање.
Програмскиот менаџер за локална самоуправа и регионален развој во Делегацијата на Европската Унија, Енцо Дамијани, во воведното обраќање истакнува дека овој прирачник е дел од долгорочната поддршка за градење капацитети во рамки на овој ЕУ-финансиран проект. Тој е наменет како корисен водич за општинските службеници вклучени во развој и спроведување на ЕУ проекти, претставувајќи клучни концепти, методологии и алатки за поефикасно користење на финансиските средства од Европската Унија.
Прирачникот е изработен со финансиска поддршка од Европската Унија, во рамки на Техничката поддршка на „ЕУ за општините“ во Северна Македонија. Се дистрибуира бесплатно и може директно да се преземе на следниот линк: https://eu4m.myshopify.com/products/handbook-on-eu-project-management-for-municipalities-2026
Автори на „Прирачник за општините за управување со проекти финансирани од ЕУ (2026)“ се Маргарита Иванова и Др. Александар Шумковски, главен уредник е Др. Клаус Рихтер, кој е и тим лидер на ТП „ЕУ за општините“, додека виш уредник за стратешки комуникации и ЕУ видливост е Бојан Кордалов.
Овој Прирачник е дел од поширока серија на практични публикации подготвени во рамки на „ЕУ за општините“, кои имаат за цел да обезбедат практична поддршка, пренесување на знаење и практични вештини за локалната администрација во Северна Македонија, како и да придонесат за поефикасно, транспарентно и одговорно управување со јавните ресурси. Со оваа серија на публикации, „ЕУ за општините“ остава конкретна алатка која ќе продолжи да се користи и по завршувањето на проектот, а како поддршка за општините во нивниот европски развој.
Повеќе информации за „ЕУ за општините:
Во изминатите шест години, ЕУ проектот „ЕУ за општините“ постигна значајни, мерливи и видливи резултати во зајакнувањето на капацитетите на локалната самоуправа во Северна Македонија. Обучени се над 1.000 претставници од општините и планските региони, додека 27 обучувачи се (ре)сертифицирани, со што се обезбедува долгорочно јакнење на внатрешните капацитети на институциите на локално ниво.
Воспоставен е национален Helpdesk систем кој обезбедува континуирана поддршка, додека програмата директно ги поддржа сите 81 општина во државата, обезбедувајќи целосна национална покриеност и позитивен импакт. Дополнително, реализирани се 8 ЕУ-финансирани грант проекти од страна на општините кои носат конкретни и граѓански ориентирани резултати на локално ниво.
„ЕУ за општините“, исто така, придонесе за зајакнување на регионалната соработка, преку поддршка на 11 општини во формирањето на Организацијата за менаџмент на дестинации (ДМО) во Повардарскиот регион. Паралелно, преку студиски посети и партнерства беа воспоставени врски со повеќе од шест земји членки на Европската Унија, вклучително Германија, Франција, Грција, Шпанија, Белгија и Латвија.
Во делот на поддршка за учество во ЕУ програми, постигнати се дополнителни значајни резултати. Вкупно 274 ЕУ-финансирани Интеррег проекти вклучуваат партнери од Северна Македонија (општини и плански региони), со поддршка обезбедена преку „ЕУ за општините“ во форма на обуки и практична експертиза. Дополнително, регистрирани се 78 Интеррег проекти од тип Б и Ц со учество на партнери од земјата, што претставува значителен напредок во споредба со состојбата од пред две години, кога вакви проекти не беа реализирани.
Покрај тоа, реализирани се и 88 прекугранични проекти со соседните земји, во кои учествуваат општини од Северна Македонија, дополнително зајакнати преку поддршката на „ЕУ за општините“ за подготовка на проекти и развој на регионална соработка.
Овие резултати потврдуваат дека поддршката на Европската Унија преку програмата „ЕУ за општините“ има суштинско влијание врз подобрување на административните капацитети, зголемување на учеството во ЕУ програмите и унапредување на локалниот развој во Северна Македонија.

