За да растат платите, прво треба да го зголемиме извозот и да имаме поголем промет, вели Трајкоска
Автор: Бобан Илијевски
Дали „Отворен Балкан“ ќе ги принуди македонските работодавачи да ги зголемат платите за да бидат конкурентни на тие во Србија, како една од најсилните економии од трите земји (Македонија, Србија и Албанија)? – Ова е едно од прашањата коишто ѝ ги поставив на Претседателката на Организацијата на работодавачи на Македонија, Владанка Трајкоска во втората епизода од „Работник Подкаст“.

Трајкоска посочи дека компаниите постојано размислуваат за висината на платите и дали истите се доволни, притоа додаде дека треба да се тргне од еден друг проблем.
Србија како една голема економија има најразвиено стопанство од сите земји кои учествуваат во ова здржување и согласно тоа очекува преку „Отворен Балкан“ да прави што е можно поголем извоз на своите производи. Србија има сериозни производи во своето портфолио; има добра инфраструктура, зад која ние заостануваме многу; има отворени пазари и развиено земјоделие. Оттука, економски е многу поразвиена од нас и компаниите во Србија можат на своите вработени да им овозможуваат и да се договараат за поголеми плати, рече Трајкоска.
Останатите земји од „Отворен Балкан“, појасни таа, ќе мора да се борат со една силна економија, а компаниите да бидат конкурентни и интересни за пазарите.
Мораме да бидеме свесни, вели таа, дека Македонија како држава не создаде еден комплетен производ и не се насочи кон една определена дејност, па во тој дел да развива свои компетенции и пазари.
Ние секогаш каскаме зад останатите држави не знаејќи да ги искористиме ресурсите и богатствата со кои располагаме. Многу е лесно да зборуваме дека компаниите во Македонија треба да обезбедат повисоки плати за своите вработени за да не ни избегаат луѓето, меѓутоа мораме да го развиваме нашиот извоз, нашето производство, да имаме поголеми приходи и поголем промет, а со тоа и повисоки плати за нашите вработени, посочи Трајкоска.

Потребно е да се вложува во нови технологии, за да расте продуктивноста, а со тоа и платите
Трајкоска потенцираше дека Македонија е енергетски зависна држава, но зависни се и земјоделските производи, храната, пченицата, пченката. Додаде дека немаме капацитети за стратешки производи.
Апсолутно сме зависни од другите држави. Тоа е многу тешко за сите компании во Македонија, дополни Трајкоска.
Инаку, во Србија се речиси двојно поголеми. Како што пренесоа неодамна домашните медиуми, просечната заработка во Србија е 631 евро, додека во Македонија во просек се заработува 360 евра. Последна од трите земји е Албанија со просечна заработка од 248 евра.

