Економија

Македонците потрошиле над 427 милиони евра на интернет шопинг во странство: Еве каде најмногу одат парите

Македонските граѓани минатата година значително ја зголемиле својата онлајн потрошувачка во странство, при што најчесто купувале авиобилети и резервирале сместување преку интернет, покажува анализата на Асоцијацијата за е-трговија базирана на податоци од Народната банка.

Вкупната вредност на е-трансакциите достигнала 427,8 милиони евра, што претставува скок од 50% во однос на претходната година. Уште поизразен е растот на бројот на трансакции, кој се искачил на 12,4 милиони или 69% повеќе од лани. Во исто време, просечната вредност по трансакција се намалила на 34 евра, што е пад од 11%.

Најголем дел од потрошувачката е концентриран во неколку клучни земји: Ирска, Холандија, Обединетото Кралство, САД, Унгарија, Германија, Кипар и Луксембург, кои заедно апсорбираат 74% од вкупната вредност и 83% од сите трансакции.

Апсолутен лидер е Ирска, каде македонските граѓани потрошиле 92,1 милиони евра: впечатлив раст од 173% во споредба со претходната година. Таму е регистриран и најголем број трансакции, 4,8 милиони. Веднаш зад неа е Холандија со 62,4 милиони евра и пораст од 49%.

САД остануваат силен играч со 2,1 милиони трансакции, додека најдраматични промени се забележани во Германија и Кипар. Германија бележи експлозивен раст на бројот на трансакции од речиси 650%, а Кипар од 263%. Наспроти тоа, Луксембург и Обединетото Кралство бележат пад, првиот речиси за половина, а вториот околу 9%.

Кога станува збор за вредноста по поединечна трансакција, највисок просек е регистриран во Унгарија – 152,2 евра, додека најниска просечна потрошувачка е забележана во Луксембург, само 14,1 евра. Во Германија, пак, просечната трансакција се намалува за речиси 70% и паѓа значително од минатогодишните 214,2 евра.

Според претседателката на Асоцијацијата за е-трговија, Нина Ангеловска Станков, доминацијата на Ирска се објаснува со присуството на европските централи на глобални технолошки гиганти како Amazon, Google, Meta и Apple, како и наплатите од платформи како Temu и бројни дигитални сервиси. Холандија, пак, ја зацврстува својата позиција како европски е-commerce и логистички центар, но и како седиште на Booking.com, што ја прави особено значајна за патувања и резервации. САД и Обединетото Кралство остануваат клучни пазари поради силната онлајн малопродажба и присуството на најголемите глобални дигитални платформи.