МакедонијаПравда

Пензионери за линеарно зголемување на пензиите ќе протестираат во понеделник пред Уставен суд

Пензионерите кои се залагаат за рамномерно зголемување на пензиите, вчера од Штип навестија дека во понеделник, на 1 декември, пензионери од целата држава ќе демонстрираат пред Уставниот Суд во Скопје, со цел, како што велат, да продолжи линеарното пресметување на пензиите.

На вчерашната прес-конференција, тие повикаа на масовно присуство, со цел заедно да се изборат за нивните права.

“Во понеделник во 11 часот пред Уставен Суд во Скопје ќе протестираме, од цела Македонија”, изјави пензионерот Зоран Трајков.

Трајче Станојков, пензионер од Свети Николе, најави дека ако во понеделник протестот не донесе резултати, веќе на 10 декември ќе продолжат со протести, бидејќи не се откажуваат од нивните барања.

Тој додаде дека освен рамномерното усогласување на пензиите, ќе бараат и К-15, зголемување на надоместокот за погреб, како и воведување на пензионерска картичка.

Пензионерот од Штип, Трајче Митев, вели дека имаат и конкретни барања. “Ќе се бориме за покачување на посмртнина од 35,000 на 50,000 денари. Ќе создадеме фронт да се воведе пензионерската картичка”, вели Митев.

Во Штип вчера се собраа пензионерите од Штип, Свети Николе, Скопје, Куманово. “Сите ќе се залагаме да дојдеме во Скопје, за да и кажеме дека е доста дискриминација. Ние бараме да земеме линеарно покачување на пензиите”, вели пензионерката Вера Јовановска.

Пензионерите најпрво добија пет илјади денари рамномерно покачување на пензиите, во септември на картичка добија уште илјада денари, а во март наредната година треба да има ново рамномерно усогласување за илјада денари.