„Најголемиот проблем не е должината на породилното отсуство, туку интеграцијата по неговото завршување“
Новиот Закон за работни односи чија судбина е сѐ уште неизвесна, во смисла на тоа дали ќе се донесе или ќе се работи на нов, предвидува родителско отсуство во траење од 13 месеци. Актуелниот пак, на мајките им овозможува 9 месеци отсуство, односно до 15 месеци доколку мајката роди повеќе деца одеднаш.
Таткото, може да го искористи родителското отсуство само доколку мајката не може да го стори тоа.
Од друга страна, со Законот со кој не се знае што ќе биде, е предвидено и татковско отуство.
Поранешната министерка за труд и социјална политика Јована Тренчевска на почетокот на 2023 година објасни дека во новиот Закон татковското отсуство е во траење од 15 дена и дека би се користело веднаш по раѓањето на дететото, ако е едно, а за близанци, тројки и повеќе родени деца, во траење од 20 дена. Од друга страна, мајчинското отуство би траело 5 месеци, а родителското по четири месеци за секој родител поединчно.
Таа тогаш дообјасни дека иако на прв поглед изгледа дека е намален периодот на мајчинско отсуство, тоа не е така, бидејќи мајката има пет месеци мајчинско и четири месеци родителско отуство, што значи дека би останала со детето како и досега – 9 месеци.
„Дополнително, тука се и четири месеци на родителско отсуство на таткото, кои доколку се користат од страна на таткото по истекот на мајчинското и родителското отсуство на мајката, значат дека детето , наместо досегашните 9 месеци, ќе може да биде под родителска грижа вкупно 13 месеци, рече тогаш Тренчевска.
Тодоровска Пепиќ: Проблемот не е во должината на породилното отсуство
Редакцијата на порталот Работник разговараше со Даниела Тодоровска Пепиќ, правник и специјалист за човечки ресурси, која патем е и мајка на две деца.
Тргнувајќи од премисата дека различен човек дава различни одговори на прашања кои веќе се поставени, Тодоровска Пепиќ ја прашавме колку според неа треба да биде породилното отсуство, но и дали мајките треба да добијат дополнителни бенефити.
„Бобан, твоето прашање навистина ме натера подетално да размислам и да споредам како е кај нас и во регионот. Според податоците на Организацијата за економска соработка и развој, просечното породилно во други земји се движи од 4 до 9 месеци, така што нашите 9 месеци (или 15 за близанци) во голема мера се вклопуваат во таа рамка“, посочи Даниела Тодоровска – Пепиќ.
„Лично сметам дека период од една година би бил идеален, бидејќи првата година е најкритична и најпредизвикувачка за мајката и детото. Но, како мајка на две мали деца, не би рекла дека актуелното породилно е малку. Моите деца не ги чуваа баби/дедовци; и двете тргнаа во градинка пред моето враќање на работа, а првото дете дури и порано, бидејќи сменив работно место и го прекинав породилното еден месец пред истекот“, додаде Тодоровска – Пепиќ.
Нашата соговорничка оцени дека најголемиот проблем кај нас не е должината на породилното, туку интеграцијата по неговото завршување. Мајките често остануваат без соодветна поддршка во процесот на враќање на работа, а дополнителен стрес е и одвојувањето од детето.
Тука се и практичните проблеми – во некои општини со месеци се чека за прием во градинка, а кога веќе ќе почне, детето често се разболува, па мајката користи боледувања кои не секогаш наидуваат на разбирање, вели таа, и додава дека приватните градинки се екстремно скапи за некој што живее со просечни или потпросечни примања.
„Токму овие состојби создаваат притисок и додведуваат до тоа мајките да си заминуваат од работните места“, потенцира Тодоровска Пепиќ.
Затоа, како најреално и како најпотребно, таа го издвојува следното:
- Постепено враќање на работа (првите месеци со скратено работно време).
- Гаранција против деградација и дискриминација.
- Поголема поддршка за адаптација на детето во градинка.
Тодоровска Пепиќ наведува оти важно е да се истакне дека кај нас породилното отсуство е 100 % платено, што не е правило во многу европски земји. Таму честопати се исплаќа делумно, а некаде и воопшто.
„Како заклучок, како мајка и професионалец би кажала: не ми треба подолг породилен период, ми треба подобар, похуман и пофлексибилен процес за враќање на работа“, вели нашата соговорничка.
Прашана и за тоа каков е нејзиниот став за воведување на татковско отуство и каков би требало да е соодносот помеѓу мајчинското и татковството отсуство, Тодоровска Пепиќ е децидна дека воведувањето на вакво отсуство е важен и неопходен чекор.
„Современите татковци се многу повеќе инволвирани и подготвени да ја преземат својата улога“
„Родителството е заедничка улога на двајцата родители. Иако мајката го носи главниот товар, и таткото се соочува со нова, непозната ситуација. Кај нас сѐ уште постојат традиционални верувања дека мајката е првичната негувателка, но реалноста веќе одамна се смени. Современите татковци се многу повеќе инволвирани и подготвени да ја преземат својата улога.“
Имено, ако се погледнат статистиките од државите каде татковството отсуство е воведено во законодавството, ќе се дојде до заклучок дека бројот на татковци кои го користат од година во година се зголемува.
Според неа, татковското отсуство е важно од повеќе причини:
- Мајката добива емотивна и практична поддршка во најкритичниот период.
- Таткото ја гради врската со детето од самиот почеток.
- Се рушат стереотипите за родителството.
- Се гради пореална рамноправност.
„Освен тоа, додека мајката е дома со бебето, таткото работи и ги пропушта тие моменти, што не би требало да биде случај“, истакна таа.
Соговорничката смета дека најдобар модел би бил:
- Првите два месеци заедничко присуство дома на мајката и таткото.
- Третиот месец – татковски да се користи кога ќе заврши мајчинското, за да помогне со адаптација на дететото во градинка и на мајката за адаптација на работа.
Нејзиното мислење е дека 2-3 месеци се доволни за таткото да биде реално вклучен, а семејството да добие вистинска поддршка и стабилност.
„И за крај, не би сакала да звучам строго или погрешно сфатено, но иако добивањето дете е еден од најголемите благослови, тоа не значи дека животот на мајката треба да запре тука. Не е ниту фер, ниту правилно само едниот родител да ја носи целата тежина, само една кариера да стагнира или целосно да исчезне поради одлука која ја донеле двајцата. Родителството треба да биде споделена одговорност, а системот и општеството мора да обезбедат услови и поддршка за тоа да биде возможно и за мајката, и за таткото, но и за семејството како целина.“

