ПРВИ ГИ ЧУВСТВУВААТ ПОСЛЕДИЦИТЕ – Ромите се на првата линија на фронтот кога се работи за отпуштања и испраќање на принуден одмор за време на кризи
Документираните случаи на дискриминација од страна на Институтот за истражување и анализа на политики – „Ромалитико“ за кои пишувавме во првиот дел укажуваат на тоа дека Ромите се дискриминирани на пазарот на трудот во Македонија.
Во вториот дел ќе ги анализираме пречките со кои се соочуваат Ромите при барање на работа, доказите кои ги поседува невладината организација за дискриминацијата и реакцијата на институциите.
Голем дел од Ромите имаат завршено само основно образование
Според Ромалитико, една од најзначајните бариери е ниското ниво на образование и недостигот од формални квалификации.
„Многу Роми имаат завршено само основно образование или воопшто не посетувале училиште, што директно ги ограничува нивните можности за пристап до стабилни и добро платени работни места. Недоволната застапеност во системот на средно и високо образование ги исклучува од професии кои бараат специфични вештини и знаења“, велат од таму.
Дискриминацијата и предрасудите остануваат да бидат пречка. Како што велат од организацијата, многу работодавачи носат одлуки врз основна на етничка припадност, наместо на компетенции и искуство.
„Ромите често не се повикуваат на интервјуа или им се одбива вработување без објективни причини, што води до обесхрабрување и намалена мотивација за вклучување на пазарот на труд“, велат од Ромалитико. Притоа додаваат дека во последните 3 години, работодавачите во недостиг на работна сила, ангажираат Роми, особено во услужниот сектор. Но и тие кои се вработуваат, неретко се соочуваат со стигма и неповолни услови на работното место.
Поради ниското образование работат во неформалната економија
Поради немање на соодветно образование и степен на квалификации, многу од Ромите се принудени да си го бараат чарето во неформалната економија. Таму се осудени да работат без социјална и здравствена заштита.
„Овие работни места најчесто се нестабилни, сезонски и физички напорни, а честопати и не се соодветно платени“, велат од Ромалитико.
Пречки кои им застануваат на патот претставуваат и ограничениот пристап до информации за отворени работни позиции, недостигот од посредници и поддржувачки програми, како и неадекватната инфраструктура и јавниот превоз.
Долгогодишната маргинализација ја намалува довербата во институциите
Од невладината организација велат дека голем дел од Ромите немаат доверба во институциите поради долгогодишната маргинализација и недоволната вклученост на заедницата во креирање и имплементација на јавните политики. Тука се и социјалната и територијалната изолација кои ја отежнуваат вклученоста на Ромите на пазарот на трудот, особено во руралните и периферни области каде што се ретки можностите за формално вработување.
„Овие фактори, земени заедно, создаваат циклична социо – економска исклученост која бара системски и инклузивни решенија“, велат од таму.
Докази за дискриминација?
Ги прашавме дали имаат докази или извештаи за дискриминација на пазарот на трудот, по што од таму ни одговорија дека истражувањата спроведени од граѓански организации, како и национални и меѓународни институции ја потврдуваат дискриминацијата на Ромите. Нагласуваат дека тие се една од најзасегнатите групи во однос на нееднаквиот третман на пазарот на трудот.
Ни посочија дека во услови на економска криза, Ромите често се меѓу првите кои ги чувствуваат негативните последици, како што се отпуштањата и испраќањето на принуден одмор.
„Такви случаи беа забележани за време на пандемијата со Ковид -19, но и неодамна – пред три месеци – кога автомобилскиот сектор се соочи со сериозен застој“, потенцираат од организацијата.
Извештајот на Агенцијата за човекови права на Европската унија (FRA) потврдува дека Ромите низ Европа, вклучително и во Македонија, се често изложени на дискриминација при вработување.
„Според податоците од истражувањето ’EU-MIDIS II’, секој четврти испитаник од ромска заедница изјавил дека бил дискриминиран при барање работа во последните 12 месеци. Слични наоди се содржани и во извештаите на Европската комисија, кои континуирано нотираат дека Ромите се соочуваат со структурни бариери и предрасуди при вклучувањето на пазарот на трудот“, велат од Ромалитико.
Ваквите податоци, велат од таму, укажуваат на потребата од засилени институционални напори за унапредување на еднаквиот пристап до вработување, особено преку мониторинг, санкционирање на дискриминацијата и поддршка за инклузивни политики во сферата на трудот.

