ПравдаСветот на работникот

„Работодавачот по ниеден основ не може да ве условува да останете на работното место одреден временски период“

Бобан Илијевски

Со оглед на тоа дека има случаи каде што работодавачите ги обврзуваат работниците да останат неколку години во работен однос со Договорот за вработување, порталот Работник се обрати до адвокатот Александар Димитријевиќ за да дознае дали тоа е согласно со трудовата регулатива. 

Работодавачот по ниеден основ со Договорот за вработување не може да го задолжи работникот да мора да остане одредено време кај него и во случај да зел субвенции од Агенцијата за вработување за да вработи работник.

Ова го истакна адвокатот Александар Димитријевиќ во изјава за порталот Работник. Според него, доколку постои член во Договорот за вработување кој нагласува дека работникот е задолжен да остане да работи кај работодавачот одреден период, истиот член е ништовен, односно не важи.

Тој рече дека во членот 28 од Законот за работни односи е предвидено кои ставки треба да бидат вклучени во договорот за вработување, нагласувајќи дека во истиот не треба да има ништо повеќе и ништо помалку.

Димитријевиќ појасни дека Агенцијата за вработување на работодавачот му дава време да најде нов работник доколку претходниот дал отказ од работа или пак работодавачот му дал нему отказ.

Субвенцијата не е за работниците, туку за работодавачите. Таа субвенција ја зема работодавачот. Има опција ако прекине договорот за вработување за еден месец да си најде нов работник. Тоа е обврска на работодавачот, а не на работникот. Работодавачот земал субвенции за да вработи работник, а не за да вработи одреден човек и да го условува. Тие се ништовни одредби. Тоа е само еден начин на заплашување, рече Димитријевиќ.

Тој посочи дека Законот предвидува и дека доколку работникот или работодавачот го откаже работодавачот дека отказниот рок е еден месец, а во одредени случаи и до три месеци, потенцирајќи дека работодавачот треба да докаже зошто отказниот рок треба да трае три месеци бидејќи не може ако нему му текне, толку да изнесува отказниот рок.

За да биде појасно, еве што предвидува членот 28 од Законот за работни односи, каде што се наведуваат ставките кои треба да ги содржи еден договор за вработување:

Содржина на договорот за вработување

Член 28

(1) Договорот за вработување особено содржи:

1) податоци за договорните страни, нивното живеалиште, односно седиште;

2) датум на стапување на работа;

3) назив на работното место, односно податоци за видот на работата за којашто работникот склучува договор за вработување, со краток опис на работата што ќе ја врши според договорот за вработување;

4) одредби за обврската на работодавачот да го информира работникот за ризичните работни места и посебни стручни квалификации или познавања или неопходен посебен медицински надзор, во согласност со закон, со наведување на посебните ризици кои според законските прописи можат да бидат последица од работата;

5) место на вршење на работата. Ако не е наведено точното место, се смета дека работникот ја врши работата во седиштето на работодавачот;

6) време на траење на работниот однос, кога е склучен договор за определено време;

7) одредба за тоа дали се работи за работен однос со полно или пократко работно време;

8) одредба за дневно или неделно редовно работно време и распоредување на работното време;

9) одредба за висината на основната плата која се изразува во паричен износ, која му припаѓа на работникот за вршење на работата според закон, колективен договор и договорот за вработување;

10) одредба за другите надоместоци кои му припаѓаат на работникот за вршење на работата според закон и колективен договор;

11) одредба за годишниот одмор, односно начинот за определување на годишниот одмор и

12) наведување на општите акти на работодавачот во кои се определени условите на работа на работникот.

(2) Договорот за вработување може да содржи и други права и обврски определени со овој и друг закон и колективен договор. (

3) Во договорот за вработување во однос на одделни прашања, страните треба, каде што е соодветно да се повикаат на закони, колективни договори и акти на работодавачот.

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и Главен и Одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk