ЕкономијаМакедонијаСветот на работникот

Додека не е задолжително вакцинирањето против ковид, работниците не можат да бидат принудени да се вакцинираат

Бобан Илијевски

Се повеќе компании во светот воведуваат задолжителна вакцинација за своите вработени, а некои преземаат радикални мерки, односно ги отпуштаат вработените кои не се вакцинирани.

Во земјите од ЕУ, на пример во Германија наголемо се дебатира на оваа тема, но заклучокот е: се додека вакцинацијата против Ковид -19 не стане задолжителна, работодавачите не можат да ги условуваат вработените да се вакцинираат.

Во Македонија, тезата е слична. Работодавачите не планираат да преземат мерки за да ги стимулираат вработените да се вакцинираат, се додека вакцинацијата не стане задолжителна.

Порталот Работник веќе објави ставови од правници во однос на отпуштањето на невакцинирани работници, кои го потврдија она што го велат и работодавачите.

Додека вакцинацијата не стане задолжителна, работодавачите немаат право да ги условуваат вработените да се вакцинираат

Претседателката на Организацијата на работодавачи на Македонија – ОРМ Владанка Трајковска за порталот Работник вели дека последниот период многу се полемизира на оваа тема, се организираат работилници, се бараат ставови и заклучоци.

„Последниов период чув дури и информација дека за учество на меѓународни тендери неопходно е да се приложи доказ дека вработените во компанијата се комплетно вакцинирани. Со тоа би се обезбедила сигурност дека активноста ќе биде со сигурност завршена, без да биде загрозен човечкиот фактор“, вели Трајковска.

Таа потенцира дека, од друга страна, работодавачите се повикуваат на демократија, слобода во одлучувањето и размислувањето кои се уставни права.

Трајковска спомена дека вработените во „Раде Кончар“, односно оние кои сакале, се вакцинирале во Србија, во организација на компанијата, притоа нагласува дека не ги принудиле на тоа.

„Правото на избор беше исклучиво нивно. Сите ние сме свесни дека сами одлучуваме за своето здравје, но и за здравјето на луѓето околу нас. Се додека вакцинацијата не е задолжителна категорија пропишана од институциите, ние немаме право да ги присилуваме вработените на овој чекор“, посочи Трајковска.

“Овој бран на вирусот ќе биде силен, а должност е на Владата да го заштити јавното здравје преку мерки и стимулирање на вакцинацијата“

Прашања за тоа дали вакцинирањето против Ковид – 19 ќе биде задолжително за граѓаните, вклучувајќи ги и вработените, испративме до Владата, од каде ни одговорија дека се уште немаат донесено одлука по ова прашање.

Од таму укажаа дека вакцинацијата против КОВИД-19  во државата не е задолжителна, меѓутоа се препорачува граѓаните да се вакцинираат, бидејќи во целиот свет е така. Истакнаа дека вакцинацијата е најсигурна заштита од вирусот и е единствениот начин да излеземе од пандемијата и да го вратиме назад животот во нормала.

„Овој бран на коронавирусот очигледно ќе биде силен и должност на Владата е да обезбеди максимална заштита преку носење одлуки и мерки за да се заштити јавното здравје, но и да ја стимулира вакцинацијата како единствено и силно оружје за борба со пандемијата“, рекоа од Владата.

Потсетија дека вакцинацијата дава резултат и дека тоа го покажуваат бројките од аплицираните 1 милион вакцини од кои немало посериозни несакани ефекти од вообичаените несакани ефекти, црвенило, покачена температура.

Задолжителната вакцинација и дискриминацијата

Недамна од Асоцијацијата за правно-економски истражувања и едукација „Јуридика“ излегоа со свој став околу тоа дали задолжителната вакцинација би значела и дискриминација.

Од таму велат дека работодавачите имаат должност, колку што е разумно изводливо, да обезбедат здравје, безбедност и благосостојба на оние што работат за нив, како и на оние кои физички доаѓаат во контакт со фирмата. Како резултат, некои организации размислуваат за воведување на задолжителна политика за вакцинирање против КОВИД-19 и/или условување во огласите за вработување дека ќе се прифаќаат само вакцинирани апликанти.

„Да се има унифицирана политика за вакцинирање, применета нефлексибилно, што резултира со отпуштање или третирање на работниците помалку поволно (намалена плата; не смеат да присуствуваат на работното место) доколку не биле вакцинирани, може да ги натера лицата со посебна заштитна карактеристика да се најдат во одредена неповолност. Затоа, постои ризик од дискриминација, освен ако не можете да го оправдате вашиот пристап како пропорционално средство за постигнување легитимна цел (како што е заштита на здравјето и безбедноста на персоналот и други)“, велат од Јуридика.

Посочија дека дали задолжителната вакцинација е пропорционална, ќе зависи од фактори како што се начинот на водење на политиката во пракса; влијанието врз индивидуалните работници; и дали има помалку нападни начини за намалување на ризикот:

  • Дали можат да се преземат други чекори за да се направи работното место КОВИД-19 безбедно (социјално растојание, екрани, вентилација)?
  • Може ли вработениот да работи од дома?
  • Може ли вработениот повторно да се распореди на друго работно место каде другите мерки за заштита од Ковид 19 би биоле доволни, односно не би била потребна вакцинација.
  • Дали редовното тестирање ќе понуди соодветна заштита?

Порачаа дека условувањето со задолжителна вакцинација за апликантите при оглас за вработување исто така носи ризик од дискриминација, со оглед на тоа што барателите на работа се заштитени со закон од дискриминација.

Фото: Unplash