Совети за успешните регрутери – работа на иднината!
Регрутерите треба да овозможат потенцијалните нови вработени да ја доживеат компанијата како прилика што не смее да се пропушти, во поглед на тимската работа, можностите и работниот простор.
Вистински успешна стратегија за регрутирање нови вработени го вклучува целиот тим на компанијата, како и неколку аспекти што можеби не се очекуваат во процесот. За подобро демистифицирање на пoстапката, потребно е да се применат неколку едноставни совети за регрутирање кои се значајни за привлекување врвни таленти.
Во процесот на избор на соодветен кандидат влијаат повеќе фактори, меѓу кои изворите за регрутирање (начинот и алатките преку кои се бараат и селектираат кандидатите), промоција на препораки од вработените на компанијата, како и искуството и преференциите на кандидатите наспроти потребите на самата компанија.
Покрај тоа, треба да се вреднува квалитетот над квантитетот, да се презентира силен предлог за вредноста на вработените – регрутерите треба да размислуваат како маркетери и автентично да ја раскажат приказната на брендот кој го претставуваат. Регрутерот треба да ја презентира културата на компанијата и условите за работа. Во денешно време тренд е да се понуди работа од далечина, да се истакне различноста и инклузивноста на компаниите како вредност. Важно е да се биде јасен во однос на понудата – побарувањето и понудата, како и да се има план на чекори по интервјуто, со цел на самиот кандидат му биде јасно што да очекува.
Познатата меѓународна компанија за развој на софтвер и консултантски услуги Сеавус, која кон крајот на минатата година стана дел од големата чешка групација Арикома, е една од најстарите и најетаблирани ИТ компании во Македонија. Можностите во ИТ секторот во Македонија се огромни, имајќи ги предвид компаниите што работат на овие простори. Проблемот при регрутирањето нови вработени е што на пазарот на трудот има огромна побарувачка за профилите што се наоѓаат во оваа индустрија, па затоа треба да има добра причина зошто некој би сакал да работи во Сеавус.
„Да се носи одговорноста да се процени капацитет и квалитет кај потенцијален кандидат за една компанија е огромна. Затоа и регрутерите се од огромна важност во процесот на интервјуирање, профилирање и носењето одлука за вработување на потенцијалните кандидати, бидејќи треба да ги вложат, пред се, своите лични вештини, искуство во компанијата и животното искуство, за да можат понатаму да застанат позади својата одлука дека некој кандидат е адекватен за моменталните потреби. Бидејќи во Сеавус наголемо работиме и сакаме да ја одржуваме корпоративната култура и соработка, така и најголемиот предизвик е да се најдат професионалци кои ќе се поистоветат со истата и ќе ја доживеат како средина во која сакаат кариерно да растат. Целата комуникација и организација во однос на интервјуирањето, технички и не-технички тестирања, интервјуа со клиентите, преговорите, како и наоѓањето соодветна алокација за кандидатот на отворените позиции (бидејќи најчесто станува збор за повеќе од една), „лежи” во способноста на регрутерот да се поистовети и со кандидатот и со компанијата, за да може да се оствари една успешна соработка помеѓу двете страни”, вели Марија Пападинова Станкиќ, сениор регрутер во Сеавус.
Марија нѝ објасни дека во Сеавус, поради светската распространетост и присутност, се навикнати да функционираат во виртуелна средина како меѓу себе, така и со клиентите лоцирани насекаде низ светот: „Она што е најголем предизвик во секојдневната комуникација е токму тоа што предизвикува потешкотии во регрутирањето и денес: виртуелно да се пренесе тоа што всушност го „живееме” во Сеавус, а тоа е директен, непосреден, отворен пристап кон сечиј карактер или идеја, спремност на секаков тип комуникација, и најважно, постојана соработка и поддршка, независно од годините искуство во или надвор од компанијата. Од друга страна, средбите лице в лице се незаменливи кога треба да се почувствува енергијата, духот и трудот на секој кандидат коишто, независно колку кандидатот е свесен за тоа или не, неминовно влијаат на првата импресија за тоа како кандидатот би се вклопил со останатите тимови во компанијата”.
Регрутација во ИТ индустријата е една динамична, променлива и иновативна професија која бара постојана модификација и изнаоѓање различни начини на пристап на секој кандидат поединечно. Пристапот на „топ шоп“ регрутирање, нема да донесе посакувани резултати.
„Треба да се вложи многу време на приспособување на пристапот на секој кандидат, со цел ефективно и ефикасно да го искористиме тој еден час што го имаме со кандидатот на првиот разговор. Затоа и сакаме да останеме запаметени и да оставиме впечаток на професионалци со кои кандидатот би сакал да поминува осум часа во текот на денот. Кандидатите треба во нас регрутеририте да гледаат шанса, нов предизвик, нови можности. Наша задача е да ги предизвикаме да размислуваат за промена. Дали е тоа интересен склоп на технологии, сектор во подем, предизвикувачки склоп на одговорности или предностите на Сеавус како стабилна, разновидна и брзо-адаптибилна компанија, на кандидатите отсекогаш им било најважно како сето тоа би им претставувало предност во однос на она што веќе го имаат”, вели Марија Пападинова Станкиќ.

