Како вашиот LinkedIn профил да се истакнува пред другите? СОВЕТИ ЗА БАРАТЕЛИТЕ НА РАБОТА
Во ера на социјални мрежи, особено на деловната социјална мрежа LinkedIn која е број еден кога станува збор за барање/нудење работа, кандидатите потребно е да имаат креирано свој профил кој ќе им биде еден вид на онлајн CV. Преку него, тие треба да ги прикажат своите вештини и знаења за работната позиција за која аплицираат.
Новинар: Бобан М. Илијевски
Сепак, за да може да го „зграби“ вниманието на регрутерите или менаџерите за вработување, LinkedIn профилот мора добро да се истакнува. Во овој текст ќе ги разгледаме аспектите на тоа како треба да изгледа еден таков профил.
Во морето од кандидати, навистина е голем предизвик да се направи LinkedIn профил кој ќе се издвојува и паѓа во очи на регрутерите, односно на секој оној кој е задолжен за селекција на кандидати во компаниите, вели Викторија Дамчевска, професионалец од областа на човечки ресурси и Head of People Operations во ИТ компанијата „GrabIT“ за порталот Работник.
„При регрутација, се случувало да разгледувам илјадници профили за една работна позиција и можам да замислам со каков проблем се соочуваат кандидатите кога сакаат да се истакнат“, посочи нашата соговорничка, додавајќи дека барањето работа е работа сама по себе која изискува вештини, меѓу кои и креирањето на LinkedIn профилот.
Таа смета дека LinkedIn профилот претставува личен бренд на кандидатот.

„За регрутерите и тие што нѐ не познаваат професионално, ние сме нашиот LinkedIn профил и токму затоа креирањето на истиот е создавање и на нашиот личен бренд, а личниот бренд некогаш ја прави разликата дали ќе ја добиеме работата што ја сакаме или не“, вели Дамчевска.
Ова е една од најважните причини поради која секој кој е во активна потрага по работа, би требало да вложи време и да стави фокус на неколкуте совети кои ги сподели нашата соговорничка.
Фотографија
Дамчевска препорачува, со оглед на тоа што LinkedIn е професионална мрежа, да се прикачи фотографија која ја отсликува професионалноста на кандидатот.
„Пред сѐ, зошто е важно да се има фотографија? Ние луѓето сме визуелни битија и без разлика колку фотографијата потенцијално да влијае на пристрасноста (тоа е тема сама по себе) полесно ни е кога имаме лик пред себе кој можеме умствено да го припоиме со нечиј профил и име, што ќе ни го направи впечатокот за кандидатот комплетен“, истакна Дамчевска.
Според истражувањата, образложи нашата соговорничка, 14 пати е поверојатно профилите со фотографии да се прегледани, што значи дека фотографијата има круцијална улога.
Еден голем предизвик, како што вели Дамчевска, е тоа каква фотографија да се одбере, додавајќи дека тука често се греши.
„LinkedIn е професионална мрежа, па затоа и профилната слика треба да биде професионална. Препорачливо е тоа да не е селфи слика и би било убаво доколку е тоа слика на природна светлина, во облека што вие би ја носеле на работа. Убаво е да сте насмеани, освен ако вашата работна позиција не е навистина сериозна“, објасни таа, напоменувајќи дека иако е очигледно, добро е да се прикачи скорешна фотографија, односно фотографија која нѐ отсликува реалистично од денешна перспектива, како и да се внимава да не се претера со филтри.
Summary (Резиме)
Според нашата соговорничка, веројатно најтешкиот, но во исто време најзначајниот дел на секој LinkedIn профил е раскажувањето на вашата приказна.
„Оваа секција на профилот ви остава простор да се прераскажете во кратки црти, во максимум од 2,000 карактери – вашето искуство, вашите достигнувања, вашите интереси. Некои луѓе претпочитаат да раскажат приказна за тоа што ги довело да станат професионалците од денес, други се посистематични па со потточки ги опишуваат своите резултати“, вели Дамчевска.
Нејзиниот совет е во овој дел значајно да користите клучни зборови, кои ќе ви помогнат во тоа да бидете полесно пронајдени од регрутерите. Не се плашете да ја покажете креативност и да користите хумор, особено доколку областа во која работите го дозволува тоа. Дамчевска сподели и линк на кој можете да најдете интересни примери.
Headline (Насловен опис)
Прашањето кое тука треба да го поставите е како би си ја опишале работата во една или две реченици, поточно во 220 карактери?
„Headline-от е првото нешто што излегува при пребарувањето на профилите и треба да се погрижиме да биде впечатлив, затоа што може да ја направи разликата од отворање до неотворање на вашиот профил“, појасни регрутерот.
Со оглед на тоа што во овој дел би требало да го раскажете накратко вашето CV, добро е да биде конкретен и да содржи клучни зборови, со цел повеќе регрутери да ве контактираат.
Нашата соговорничка советува да не користите премногу емоџиња, да не злоупотребувате големи букви, да избегнувате правописни грешки и да бидете јасни и конкретни. „Не го користете дефолтниот (вообичаениот) headline на LinkedIn, можете да бидете покреативни. И тука Дамчевска сподели линк на кој можете да најдете примери како да напишете добар headline.
Искуство и образование
Од големо значење е тука да се обрне повеќе внимание, особено на секцијата „Искуство“ и да се наведат работните обврски, предизвици и резултати на вашите сегашни и минати работни позиции, користејќи се со клучни зборови, порачува нашата соговорничка.
„Така ќе им дадеме на регрутерите можност навистина да воочат дека сме се сретнале или не сме се сретнале со обврските и предизвиците кои се дел од работната позиција за која тие пребаруваат кандидати“, истакна Дамчевска.
Потребно е да бидете и искрени и автентични. Постои разлика помеѓу врамување на искуството во позитивна рамка за да звучи попрималиво, а друго е лажење. Второто лесно се открива уште на почетокот на вработувањето и може да ја изгубите работата, предупредува таа.
Skills (Вештини)
За тоа дали вашиот профил ќе излезе на почетокот на пребарувањето или воопшто нема да излезе, одлучува и делот Вештини, кои воедно претставуваат и клучни зборови, објасни Дамчевска.
„Додајте ги нештата што ги познавате и доколку има опција за тоа, направете и бесплатен LinkedIn skill assessment (процена на вештините). Истражувањата покажуваат дека ваквото тестирање ги прави профилите попримамливи за регрутерите.“
Endorsements and recommendations (Одобрувања и препораки)
Викторија Дамчевска советува да побарате препораки од колеги или соработници, особено од тие што се влијателни во своето поле или сектор. „Навистина додаваат позитивност на впечатокот што регрутерите го имаат за вас.“
Споделување статии или пишување
Доколку вашиот профил е активен, регрутерите ќе ве перципираат како повлијателни и кариерно поангажирани, вели Дамчевска.
„Не се плашете да споделите ставови кои сами ќе ги напишете, или, доколку пишувањето не е нешто што го сакате или не ви лежи, споделете професионална статија/пост/напис, што ќе ви се допадне, со вашата мрежа“, наведе таа.
Градење мрежа
Вмрежувањето со луѓе, особено од вашето поле на работа, отсекогаш било важно.
Дамчевска препорачува да заследите регрутери, HR-и, talent specialists, а и луѓе кои се влијателни во вашата индустрија или сектор и бидете во тек со нивните објави доколку активно барате работа.
Badge „Open to work “
Иако, како што вели нашата соговорничка, мислењата се различни, сепак, креирањето на значка „Open to work“ им покажува дека вреди да ве контактираат, особено ако им се брза со затворањето на позицијата. Оваа значка покажува и јасен сигнал дека сте подготвени за нов кариерен чекор и не се колебате да бидете транспарентни околу тоа.
Ова се советите коишто Викторија Дамчевска ги сподели со нас, а кои се во насока на тоа да ви помогнат да го направите вашиот профил повидлив и поинтересен за регрутерите.
Но, не завршуваме тука. Нашата соговорничка за крај сподели уште еден многу важен совет – „Не бидете премногу строги со себе доколку сте во активна потрага по нова работа и не ви оди баш најдобро, особено ако вашите искуства и знаења не се во поле што е дефицитарно. Некогаш треба малку повеќе време и работа на себе во надградувањето на вештините, искуствата и личниот бренд. Започнете од вашиот LinkedIn профил и запомнете: клучни се клучните зборови.
Фото: Приватна архива

