„Ти висам врз главата“ алатката никогаш нема да ја зголеми продуктивноста на работникот
Автор: Бобан Илијевски
Сигурно сте слушнале за терминот „микроменаџирање“, а верувам и дека многумина од вас го имаат искусено и во пракса. Ако отворите на интернет и го пребарате овој поим, еден од резултатите што ќе се појави ќе биде дефиниција од енциклопедијата Википедија.
Таа дефиниција гласи вака:
Во бизнис менаџмент, микроменаџирањето е стил на менаџирање каде менаџерот одблиску го опсервира и контролира работникот. Микроменаџирањето генерално се сфаќа во негативна конотација, најмногу поради тоа што предизвикува недостиг на слобода и доверба на работното место.
Според мене, ова е блага дефиниција и воопшто не ја искажува суровоста на оваа, да ја наречам „алатка“ којашто ја користат газдите. Оттаму, јас сметам дека микроменаџирање e кога газдата ти стои постојано над глава и ти кажува што да правиш.
Мојава дефиниција произлегува од моето лично искуство. Кога работев како келнер, имав газда кој беше „во чекор со мене“ висејќи ми врз глава. Поголем притисок од тој немам почувствувано во животот. Претпоставувам дека многумина од вас се наоѓаат или се нашле во слична ситуација и дека можат да посведочат колку е незгодно кога некој ти виси врз глава.
Микроменаџерите никогаш нема да бидат добри менаџери. Тоа е факт. Тие никогаш нема да успеат да задржат работник, бидејќи ниеден нема да може да го трпи тој притисок долго време.
Ако ги гледаме работите логично, можеме многу лесно да заклучиме дека стоењето над глава не може никако да вроди со плод, туку може да предизвика само револт и незадоволство кај работникот, особено кај работниците чии работни места бараат поголема креативност, како на пример сега мене некој да ми стои врз глава и да ми кажува како да ја напишам оваа колумна. Ќе експлодирам од бес.
Вистинските менаџери или подобро кажано лидери, знаат дека оваа алатка е лоша и никогаш не ја користат. Свесни се дека можеби на краток рок ќе ја зголемат продуктивноста кај работникот, но дека на долг рок ќе резултира со отказ од страна на вработениот.
Јас мислам дека оние коишто ја применуваат ќе загубат вредни и успешни работници, а и да бидеме реални, ако се сведе на тоа дека треба некому постојано да му стоиш над глава, тогаш каков работен процес е тој. Никаков. Ако не го бидува, дај му отказ. Не го мачи човекот.
Секој работник којшто сака да работи и да стекнува нови знаења и вештини ќе го прави тоа самоволно. Не можеш никого да натераш со сила да направи нешто, а и не треба.
Во животот се е избор, но и секој избор си носи свои последици. Ако избереш да учиш повеќе и да стекнуваш повеќе компетенции, тогаш имаш шанси да напредуваш, ако не… одговорот го знаете.

