Трајкоска: Недозволиво е на работниците да им се поставува прашањето колку плата земале на претходното работно место
Апсолутно се согласувам. Сметам дека висината на платата е навистина доверлива категорија и согласно Законот за заштита на лични податоци, Конвенциите за правата на работниците е недозволиво на кандидатите за работа да им се поставува прашање за тоа колку плата земале на претходното работно место.
Ова во изјава за порталот Работник го вели Претседателката на Организацијата на работодавачи на Македонија, Владанка Трајкоска.
Имено, нашата редакција неодамна ја отвори темата за деловна пракса, каде на кандидатите за работа им се поставува прашањето „Колку плата земавте на претходното работно место?“, која според нашите читатели се покажа како честа.
Експертите од областа на трудовото право се согласни дека ова прашање не смее да биде дел од листата на прашања коишто се поставуваат за време на интервјуто за работа.
Работодавачите, како што и вели Претседателката на ОРМ, се на иста линија со експертите по трудово право.
Трајкоска истакна дека апликациите за вработување содржат различни категории на лични податоци кои се потребни и неопходни за специфични работни места.
Постојат одредени категории на лични податоци кои не треба да бидат задолжително побарани при самото аплицирање на работното место, а често се дел од апликациите. Токму од таа причина, кандидатите за работа неретко се збунети со прашањата кои им се поставени, па со желба да остават поголем впечаток излегуваат од својата комфорна зона, посочи Трајкоска.
Трајкоска наведе дека за секој работодавач е од голема важност да има јасна информација во кои рамки се движат личните примања на вработените во конкурентските компании. Исто така, важна им е и причината поради која работникот ја напуштил компанијата.
Поради ова, како што вели, Организацијата на работодавачи ја направи платформата „Конкурентна плата“. Таа овозможува да се добијат релевантни информации за цената на трудот за профили на вработени на конкретни позиции.
Трајкоска објасни дека апсолутно е непотребно кандидатите за работа да се прашуваат за платата и со тоа да се доведуваат во непријатна состојба.
Континуирано работиме со нашите вработени да ги едуцираме дека нивната плата е доверлива информација и истата не треба да ја споделуваат и споредуваат со платата на своите колеги. Живееме во едно навистина финансиски сиромашно општество и многу е тешко да се развие оваа свест кај вработените, рече Трајкоска.
Порталот Работник неодамна направи интервју и со Благоја Грозданов, менаџер на „Конто Профит“, компанија за сметководствени, консалтинг услуги, обука на кадри и вештачења, на кого му го поставивме истото прашање.
Грозданов е на ставот дека платата и целиот пакет на работни услови кои ќе се понудат, пред се треба да зависат од можностите на работодавачот, неговите планови и буџет, од збирот на вештини, знаења и останати карактеристики на кандидатот.
Прашањето за плата на претходно работно место не би требало да игра голема улога во платата која се нуди. Можеби овој кандидат, со неговите знаења, компетенции и карактерни особини може многу повеќе да придонесе кон работната средина во мојата фирма, отколку што можел во претходната? Тоа треба да го оцени самиот работодавач во рамки на процесот за избор на кандидати и да даде адекватна и издржана понуда, вели Грозданов.
Заклучи дека е непотребно е да се поставува вакво прашање на кандидатите за работа.
Фото илустрација: Pixabay/Економист

