Финансиска мотивација за вакцинација – не е спротивна на законите, но дали е етичка?
Бобан Илијевски
Порталот Работник прв во државата го посочи она што беше очигледно, а тоа е дека одредени работодавачи ќе ги принудуваат вработените да се вакцинираат, заканувајќи им се дека ќе ги отпуштат од работа или ќе ги прераспределат на друго работно место, доколку не го сторат тоа, како и дека ќе има работодавачи коишто финансиски ќе ги мотивираат вработените да се вакцинираат. Ова не е спротивно на законите, но дали е спротивно на етичките принципи?
„Финансиското мотивирање не е противзаконска, но е неетичка постапка“
Имено, пред неколку месеци, Порталот Работник побара став во однос на прашањето дали има нешто спорно околу тоа, вработените финансиски да се стимулираат, за да се вакцинираат, од Универзитетскиот професор по трудово право Лазар Јовевски.
Тој во изјавата за порталот Работник рече дека не ја препорачува праксата на исплаќање на финансиски надомест од страна на компаниите на работниците, подвлекувајќи дека доколку се во можност да исплатат финансиски додатоци за поддршка на вработените, согласно Законот за работни односи и колективните договори. Тој посочи и дека вакцинацијата е личен избор на самите работници.
Неговото мислење е дека стимулирањето на работниците да се вакцинираат преку финансиска награда е неетички.
Тој не ја препорачува праксата на исплаќање на финансиски надомест од страна на компаниите, на работниците, туку вели дека доколку се во можност, да исплатат финансиски додатоци за поддршка на вработените, нагласувајќи дека тоа треба да биде согласно Законот за работни односи и колективните договори. Вели дека вакцинацијата е личен избор на самите работници.

„Точно е дека со пандемијата се покачија цените, многу луѓе ги изгубија работните места, некои семејства преживуваат само со една плата, но сметам дека би било човечно да се наградат вработените доколку фирмата навистина има можност, а тоа да не е поврзано со личните избори на работниците, особено оние од кои зависи нивното здравје “, рече Јовевски.
Компаниите им даваат бонуси на вработените за да се вакцинираат
После неколку месеци, одредени компании веќе започнаа да ја практикуваат ова пракса која започна од САД. Компанијата „Макстил“ е пример за воведување на оваа пракса.
Имено, тие им давале бонус на плата од по 3,000 денари за да се вакцинираат против Ковид – 19. Според изјавата којашто на 25 август за порталот Локално ја дал генералниот директор на компанијата Иван Бановски, до тогаш биле вакцинирани 40 % од вработените.
Тој исто така посочил дека се надева дека компанијата ќе биде позитивен пример, „особено во однос на сите оние кои се уште се двоумат дали да се вакцинираат.
Уште еден пример на компанија која финансиски ги мотивирала вработените да се вакцинираат е „АМФЕНОЛ“ која, според реакцијата на Левица им давала финансиска награда од 500 денари и новогодишен бонус од 3,000 денари.

Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи на Македонија, уште во март месец, за Порталот Работник рече дека праксата на финансиска мотивација ќе се појави и во Македонија, притоа наведувајќи дека не сите компании ќе ја применуваат. Истакна дека секоја компанија ќе направи сопствена анализа и самата ќе одлучи што да примени.
Инаку, тој во изјавата рече дека е нормално некои компании да ги стимулираат вработените да се вакцинираат, бидејќи компаниите се рационални и ако пресметаат дека со трошокот кој ќе го направат за стимулација на вработените, ќе избегнат изгубени работни часови поради заразување или изолација на работници, со тоа ќе успеат да ги намалат трошоците и изгубените приходи.
Од друга страна, Претседателот на Бизнис Конфедерација на Македонија Миле Бошков истакна дека мотивацијата треба да биде заштита на здравјето, а не парите. „Паричниот надомест може да биде мотивација за било која мотивациска вредност. Работниците ќе треба да размислат за тоа што им е поважно, дали парите или здравјето“, рече Бошков во изјава за порталот Работник.
„Работник“ спроведе анкета пред неколку месеци, токму за тоа дали работниците би се вакцинирале доколку за тоа им бидат понудени пари. На анкетното прашање одговорија 106 испитаници, од кои 68,87 се изјаснија дека не би се вакцинирале доколку им бидат понудени пари, а 31,13 % истакнаа дека би се вакцинирале доколку им биде понуден финансиски надомест за тоа.
Редакцијата на порталот Работник испрати прашање до Македонското здружение на млади правници во однос на тоа дали финансиското стимулирање на работниците за да се вакцинираат е спротивно на законските прописи.
Од Здружението рекоа дека работодавачот може да им обезбеди поголеми права на работниците од она што е утврдено како законски минимум. Притоа додадоа дека работодавачот не смее да ги ограничи или да ги оневозможи правата на работниците доколку таквото постапување е спротивно на Законите.
Од таму рекоа дека досега до нив не пристигнале барања за правна помош од страна на работниците кои биле принудени да се вакцинираат.
На работниците им се вршат притисоци да се вакцинираат, но се уплашени да ги откријат имињата на компаниите
Инаку, колумнистката Билјана Чкламовска којашто е и правник и менаџер за човечки ресурси, во колумна за порталот Работник напиша: „Најстрашно од се е тоа што во изминативе три дена добив информации од работници од десетина различни компании, дека им биле пуштани на потпис списоци, анкетни листови и прашалници со графи вакцинирани и невакцинирани. Нормално никој не им објаснил со која цел се бара таквиот податок, а лицата што го спреведувале процесот се оградувале со зборовите, наредено е од горе”. Се прашувам колку високо е тоа горе?
Имињата на компаниите што спроведувале анкети од овој тип нема да ги објавам затоа што бев замолена од страна на работниците што ми се јавија, уплашени за своите работни места, а и затоа што верувам дека ги има многу повеќе, иако јас лично не сум добила информација за други компании. “
Имено и Проф. Д-р Лазар Јовевски во последното интервју за порталот Работник рече дека информациите коишто тој ги добил укажуваат на тоа дека има компании кои ги принудуваат вработените да се вакцинираат.
„Во Македонија се случува еден процес на тивко, суптилно наметнување на концептот на вакцинација и би рекол условување на вработените да се вакцинираат. Тоа е забрането и тоа е непотребно, затоа што согласно Законот за здравствена заштита, за работни односи и безбедност и здравје при работа, а пред се согласно Уставот, вработените во Македонија се слободни во однос на одлучувањето по прашања коишто се однесуваат на нивното лично здравје, во контекст на работниот однос и работното место“, рече Јовевски.

Тој подвлече дека нема правен основ на кој начин и како да се присилат вработените да се вакцинираат или да се условат во контекст на вработување, за напредување или пак тоа да биде причина и основ да добијат отказ од работа. Рече дека ова е забрането и се смета за дискриминација, согласно одредбите на Законот за работните односи.
„Моите информации говорат дека сепак во Македонија во пракса и на терен има компании коишто ги присилуваат вработените да се вакцинираат, како услов за задржување на работното место, најмногу во бизнис секторот, додека за јавниот сектор немам такви информации“ истакна Јовевски.
Наведе дека се уште немаме судска пракса на добивање на откази по основ на тоа што не се вакцинирале, меѓутоа зависи каква зрелост ќе покажеме како општество, како синдикати, како работодавачи и како експертска и стручна јавност во Македонија, за да го превенираме тоа.
Тој заклучи дека доколку се даваат откази поради одбивање на работникот да се вакцинира, ќе се наведе дека отказот е даден поради друга причина, а во позадина суптилно ќе стои причината дека работодавачот му го дал отказот на работникот поради тоа што не е вакциниран. Ова би било во случај доколку судската пракса ги евидентира ваквите случаи.
Досега, синдикатите и здруженијата за работнички права не посочија јавно ниеден конкретен пример на компанија која ги принудила вработените да се вакцинираат.
Фото: Алфа ТВ

