Јосифовски за Работник: Го поддржуваме синдикалното организирање во угостителскиот сектор
Генерално угостителите не се задоволни со четирите пакет сет економски мерки за финансиска помош и поддршка. Факт е дека и дел од угостителите под исти услови заедно со сите останати индустрии користеа дел од овие мерки како т.н. мерки за субвенција за плати која на крај сепак излезе дека се државни кредити. Единствена реална неповратна финансиска помош во вид на грант од четвртиот сет мерки беа грантовите во висина од 1 милион евра кои се поделија на 130 категоризирани угостителски објекти класифицирани како ресторани за свадби и 24 угостителски објекти – дискотеки и ноќни клубови, Вели претседателот на Независната угостителска комора Здравко Јосифовски во интервју за портал Работник.
Да бидеме реални, ниедна од постојните економски мерки не беше креирана да помогне само на угостителскиот сектор со реални субвенции, мерки и неповратна финансиска помош – грантови. Целокупната државна помош на крај се сведе на државни кредити за премостување на долговите, загубите и штетите кои е факт дека во наредниот период угостителите ќе треба да ги подмират во целост со своето идно работење, вели Јосифовски.
Во продолжение следува целосното интервју:
Работник: Како е да се биде сопственик на угостителски објект во ек на пандемија? Како се одвива работата?
Јосифовски: Голем предизвик е во услови на пандемија со континуирани рестриктивни мерки на ограничување на работно време и посебни препораки и протоколи за работа на угостителските објекти да бидете сопственик на еден ваков објект. Драстично смалениот обем на работа, недостатокот од континуирана посета на гости, недоволната и несоодветна правилна и директна помош и поддршка од државата, се поголемата неизвесност од крајот на пандемијита Ковид-19 секојдневно Ве тера на размисувањето дали воопшто направените загуби и штети ќе можат да се надоместат од тековното работење. Секојдневно се повеќе станува очигледно дека полека стануваме заточеници на овој бизнис со кој наредниот период ќе работиме на работ на егзистенција и покривање на загубите направени од пандемијата.
Работата и покрај тоа што и понатаму многумина сметаат дека се одвива нормално и дека се генерираат доволно приходи морам да укажам на реалните податоци кои покажуваат дека приходите се драстично смалени поготово како резултатот на присутноста и важноста на посебните препораки и протоколи за работа на угостителските објекти. Треба да се земе во предвид и дека капацитетите на угостителските објекти се преполовени со рестриктивните мерки и протоколите за работа со што само се усложнува тековното работење.

Работник: Според Вас, колку досега четирите пакет мерки му помогнаа на угостителскиот сектор?
Јосифовски: Генерално угостителите не се задоволни со четирите пакет сет економски мерки за финансиска помош и поддршка. Факт е дека и дел од угостителите под исти услови заедно со сите останати индустрии користеа дел од овие мерки како т.н. мерки за субвенција за плати која на крај сепак излезе дека се државни кредити. Единствена реална неповратна финансиска помош во вид на грант од четвртиот сет мерки беа грантовите во висина од 1 милион евра кои се поделија на 130 категоризирани угостителски објекти класифицирани како ресторани за свадби и 24 угостителски објекти – дискотеки и ноќни клубови.
Вистинската слика, дали навистина помогнаа мерките од четирите сет пакет економски мерки или само ќе ја потопат угостителската индустрија ќе дознаме во наредниот период кога ќе видиме дали истите навистина биле реални мерки за помош и поддршка или едноставно постанале бесилка од која многу угостителски објекти ќе изумрат и едноставно ќе ги снема од мапата на македонските угостителски објекти.
Работник: Вицепремиерот Битиќи рече дека мерката за исплата на плати ќе продолжи и понатаму. Како државната помош влијаеше врз работниците? И дали истата беше добро дизајнирана за да помогне и на угостителскиот сектор?
Јосифовски: Како што знаете во угостителската индустрија според официјалните податоци работеа безмалку 35.000 угостителски работници. Државната помош која всушност беше погрешно претставена како субвенција од Владата во минатиот период не е вистинска помош туку државен кредит со кој угостителите се задолжуваа за да исплаќаат плати на своите вработени со што само ги задолжуваа своите фирми и се формираше лажна слика дека угостителите се помогнати, а Владата дава неповратна финансиска помош – субвенција за плати со која се грижи за работниците.
Државната помош немаше директен импакт и влијание врз работниците. Реномираните угостители настојуваа на сите можни начини да ги задржат своите вработени. Поголемиот број угостители поради условеноста на користењето на економските мерки за финансиска помош и поддршка не можејќи да користат т.н. субвенции, односно директни државни кредити или безкаматни кредити од Развојната банка беа приморувани да извршат рационализација на работните места и да изгубат дел од своите вработени поради неможноста да остваруваат доволно приходи во услови на пандемија, за да ги покријат основите режиски трошоци и трошоците на вработените.
Да бидеме реални, ниедна од постојните економски мерки не беше креирана да помогне само на угостителскиот сектор со реални субвенции, мерки и неповратна финансиска помош – грантови. Целокупната државна помош на крај се сведе на државни кредити за премостување на долговите, загубите и штетите кои е факт дека во наредниот период угостителите ќе треба да ги подмират во целост со своето идно работење.
Работник: Во петтиот пакет мерки Владата предвидува бескаматни кредити за помош на бизнис секторот. Дали оваа мерка би била од корист за угостителскиот сектор? Доколку Вашиот одговор е не, објаснете зошто?
Јосифовски: Владата со промоцијата на петтиот пакет економски мерки со која планира да даде бескаматни кредити наменети за плати за вработените ни укажува дека дефинитивно го изгуби компасот за реална помош и само ги оправда разочарувањата дека и понатаму очекува и бара угостителската индустрија во услови кога и се ускратени правата, да работи поради рестриктивните мерки на ограниување на работното време и посебните препораки и протоколи за работа на угостителските објекти да се задолжува со дополнителни условени државни кредити за исплата на плати или премостување на штетите и загубите настанати во услови на пандемијата со вирусот Ковид-19.
Ако угостителите на време ги имаа овие информации, дека наместо реална помош и вистински субвенции треба да се задолжуваат со разно разни кредитни верзии верувам дека поголемиот дел од нас ќе ги затвореа своите угостителски објекти до завршувањето на пандемијата Ковид-19 и ќе ги минимализираа трошоците за работење и одржување на бизнисот, наместо да земаат во континуитет кредити за исплата на плата и покривање на загубите бидејќи сепак на крај овие кредити ќе треба да се вратат, а враќањето нема да се случи преку ноќ туку истото ќе претставува големо оптоварување на идното тековно работење.
Работник: Петтиот пакет мерки предвидува и поддршка за хотелите кои функционираат надвор од туристички средини. Како гледате на оваа мерка?
Јосифовски: Многу е битно дали оваа мерка ќе биде како неповратна финансиска помош грант или во вид на државен кредит. Инаку мерката како и повеќето мерки од минатите сет економски мерки е повторно селективна и погрешна. Владата во континуитет носи мерки со кои опфаќа само многу мал дел секторите угостителство со што се создава погрешна слика и заблуда дека се помага целокупната угостителска индустрија.
Впрочем со четвртиот сет мерки сите хотели добија неповратна финансиска помош – грант во вид на поврат на туристичката такса во висина од два милиони евра. Не гледам причина зошто сега повторно дел од хотелите а не сите би требало да добијат селективна помош. Оваа мерка само ќе предизвика гнев и револт кај останатите хотели и во целокупната угостителска индустрија и ќе се стимулира раздор помеѓу угостителите за селективноста на истата.
Работник: Кои се мерките предложени од НУК што Владата ги прифати? Што е со оние мерки кои не беа прифатени?
Јосифовски: НУК на 3-ти Јануари 2021 прв јавно ги достави и објави барањата и очекувањата за директна и наменска неопходна помош и поддршка на угостителската индустрија што ја очекува од Владата со новиот сет мерки. Во доставените барања се наведени пет основни барања од кое првото круцијално беше континуитет во т.н. субвенција за плата се со цел угостителите да можат да ги одржат своите бизниси во функција и да ги задржат вработените во целост во најтешките месеци за работа на угостителските објекти.
Владата се уште официјално не е изјаснета дека прифатила некои од нашите препораки и барања. Факт е дека Владата ни презентираше дека три од петте наши основни барања и очекувања се земени и вклучени во петтиот сет мерки, меѓутоа од нашите барања до нивните званични одлуки очекуваме да има драстични разлики на кои одлуки на последната работна средба во Владата од наша страна беше укажано на сите пропусти кои се прават со носењето на предложениот скроен петти сет економски мерки.
Мерките што не се прифатни со овој сет мерки ќе бидат ревидирани и повторно доставени до Владата за барање на начини на нивно исполнување, поготово барањето за целосно линеарен данок на угостителските услуги во висина од 10% мерка која беше ветена уште пред пандемијата Ковид-19.
Работник: Како според НУК се одрази ограничувањето работното време врз угостителите? Беа ли некои од нив принудени да отпуштат работници поради ограничувањето на работното време?
Рестриктивната мерка со која на целокупната угостителска индустрија единствено со одлука на Владата и се ограничи работното време и покрај тоа што истото е регулирано со Законот за угостителска дејност во периодот и месеците кога е т.н. жетва во угостителската индустрија, нанесе ненадоместива загуба и штета на сите угостители и угостителски работници. Неможноста да се организира работењето во смени во голем број угостителски објекти ги примора угостителите да направат рационализации на работните места. Условот за угостителите кои користеа дел од мерките за субвенција за плати од четвртиот сет мерки за обврска да ги задржат вработените два месеци плус по користењето на мерките ги приморува угостителите во периодот кога генерира енормни загуби да исплаќаат целосни плати. Останатите угостители кои не можеа да користат субвенција за плати беа принудени поради неможноста да остварат доволно приходи да изгубат дел од своите работници.
Работник: Кој е ставот на НУК за синдикалното организирање во угостителскиот сектор?
Јосифовски: НУК го подржува секое синдикално организирање во угостителскиот сектор затоа што смета дека истото ќе допринесе во квалитетот на понудата на работна сила во угостителската индустрија и ќе се овозможи селекција и филтрирање на понудата за квалитетот во однос на квантитетот.
Очекуваме од синдикалното работење што побрзо да направи критериуми за угостителските работници и направи регистар со класификација на угостителските работници како би имале достап до реални, вистински и едуцирани работници за угостителската индустрија.

Работник: НУК се здружи со уште неколку здруженија од државата од секторот угостителство, но и со здружение на музичари. Кои се овие здруженија и која е Вашата заедничка цел?
Маката и несоодветните директни економски мерки направени од Владата наменети за угостителската индустрија во време на пандемијата Ковид-19 не примора да се здружиме со сите македонски здруженија кои ја претставуваат угостителската индустрија и индустриите зависни од работењето на угостителските објекти се со цел да и укажеме на Владата дека барањата на НУК се унифицирани барања и очекувања на сите угостители. Музичарите се дел од зависните индустрии од угостителската индустрија и се додека во угостителските објекти е забранет настап на естрадни и музички уметници трпат двете страни подеднакво. Замислите како би изгледал ресторан, кафетерија, клуб, дискотека без музика или музичка програма?
Безусловните барања на НУК за неповратна помош и поддршка не се само за угостителите и угостителската индустрија туку и за сите сектори и индустрии кои се повеќе или помалку засегнати и зависни од работењето на угостителските објекти затоа што сите ние заедно како врзани садови трпиме ненадоместливи штети и загуби како резултата на донесените рестриктивни мерки и препораки со протоколи за работа во услови на пандемија Ковид-19.
НЕЗАВИСНАТА УГОСТИТЕЛСКА КОМОРА заедно со македонските здруженија КЛУБ ЕСНАФ од Битола, ПРИЛЕПСКИ МЕАНЏИИ од Прилеп, ТИКВЕШКИ УГОСТИТЕЛИ од Кавадарци, АНТИГОНЕА од Неготино и ОХРИДСКИ ЕСНАФ од Охрид, ЗУТ КРУШЕВО од Крушево, Здружение на НОЌНИ КЛУБОВИ, ЗДРУЖЕНИЕ НА ЕСТРАДНИ УМЕТНИЦИ НА МАКЕДОНИЈА од Скопје и здружението МУЗИКА СЕГА од Скопје заеднички настапи во барањата и очекувањата на петтиот сет мерки со една единствена цел јавно и транспаретно објавување на проблемите со кои се соочува и потребата од носењето на директни наменски економски сет мерки за угостителската индустрија и засегнатите и зависни индустрии затоа што само решенија со кои сме опфатени сите заедно може да допринесат на наше брзо заздравување и ревитализација на угостителските бизниси и сите останати бизниси поврзани со угостителската индустрија.
Бобан Илијевски

