ЕкономијаМакедонијаСветот на работникот

„Џабе ви е зголемување на платата, кога системот дозволува да се исплаќа плата под минималната“

Бобан Илијевски

„Ова се решава ептен лесно, треба само политичка волја. Во спротивно џабе ви се ветувањата од 1000 евра плата, ако системот дозволува исплата на плата без да се исплатат придонеси и законски загарантираната минимална плата“, порача Ампева. 

Зголемувањето на минималната плата може да доведе до голем број на нови отпуштања на работници и затворање на фабриките. Ова е ставот на текстилната индустрија во однос на најавата на премиерот дека минималната плата до крајот на годината ќе се зголеми на 18,000 денари. 

Наташа Сивевска од Текстилниот кластер за Сител ТВ изјави дека платата треба да се зголеми со тек на време, но дека сега не е моментот за тоа, бидејќи ситуацијата е доста критична, поради што зголемувањето на платата би можело да предизвика влошување. На Владата и порача дека не треба да брза со покачувањето и наведе дека ќе ја следат ситуацијата и доколку дојде до нејзино подобрување, ќе може да се зборува за повисока плата.

Најголемиот дел од текстилните работници се приматели на минимална плата, а воедно и најголемите жалби од нив се во однос на исплаќањето на истата. За тоа сведочат и пријавите коишто пристигнуваат до Здружението за заштита на работнички права „Гласен Текстилец“.

Претседателката на здружението Кристина Ампева, во интервју за Порталот Работник рече дека моментално има намален број на пријави, што покажува враќање во некоја нормала. Сепак, оној помал број на пријави коишто пристигнуваат до нив овој период, се најчесто во врска со непријавени работници во задолжително социјално осигурување, а со тоа немање на договори и неисплаќање на плата. Тука се и пријавите за работа на празник, работа во недела како ден на неделен одмор, прекувремена работа, несоодветен исплатен додаток за сменска работа во компании каде има три смени, како и неиздавање на листови за плата и немање на електронска евиденција на работното време. 

За најавата за зголемување на минималната плата на 18,000 денари, Ампева вели дека секое зголемување на минималната плата треба да биде поддржано од било кој синдикат или здружение кое работи на проблемите поврзани со правата од работен однос. Но, според неа, сега станува збор за друг проблем. 

„Ако покачувањето на платата повторно е со политичка одлука, а особено во време на ваква економска глобална криза, нема да донесе ништо добро. Односно, дури сега би имало откази, затварање на мали, микро и средни претпријатија, ќе биде потребно ново субвенционирање од страна на буџетот кон приватните фирми и секако, неминовна е нова злоупотреба на државни пари. Наместо вакви популистички изјави во време на, пак да напоменам, ГЛОБАЛНА ЕКОНОМСКА КРИЗА, економистите и власта треба да донесат нови мерки за да се спречи ценовниот шок што го гледаме секојдневно, а особено го чувствуваат сиромашните, работниците. Гледаме во соседството веќе дека државите спречуваат поскапувања со замрзнување на цени. Па нашите власти можат да видат и применат како навистина да му помогнат на сопствениот народ при вакво зголемување на цени на дериватите и основните продукти“, вели Ампева. 

Уште еден проблем, на кој тие како здружение укажуваат веќе подолго време е системот за исплата на бруто плата. Поради ова, се исплаќаат плати помали од минималната. Таа потсети на оние 2 денари коишто беа исплатени на вработени во една текстилна фабрика во Штип. 

Системот тука мора да реагира, требаше истиот да се среди многу поодамна, вели Ампева, за да нема злоупотреби при исплата на законски загарантирана минимална плата. 

„Ова се решава ептен лесно, треба само политичка волја. Во спротивно џабе ви се ветувањата од 1000 евра плата, ако системот дозволува исплата на плата без да се исплатат придонеси и законски загарантираната минимална плата“, порача Ампева.