21 век, 2022 – Редно е да ги напуштиме старите сфаќања и да се стремиме кон родова еднаквост
Се ближи 8-ми март – Денот на жената. Ден кога по обичај на жените им се дава цвеќе. Тоа е убав гест, но дали ќе промени нешто во однос на родовата нееднаквост? Апсолутно не.
Работејќи како новинар во областа на работните односи, имам можност да гледам на работите поинаку од многу луѓе.
Што се однесува до родовиот јаз, сите знаеме дека го има и дека ќе го има. Доколку пак зборуваме за родов јаз во плати, тогаш мораме да напоменеме дека тој е најмногу присутен во приватниот сектор. Според податоците на Хелсиншкиот комитет за човекови права, жените во Македонија заработуваат 15 % помалку од мажите (Овој податок е единствениот кој го користам во писанието). Ова го споменав и во еден мој извештај, но сметам дека вреди да се спомене уште еднаш.
Реално, не можам да кажам кога би можел да се намали родовиот јаз, а и не гледам некои индикации кои упатуваат на тоа. Во Македонија, но и во светот, се‘ уште доминираат мажите кога станува збор за кариера. Многу поголем број на мажи се на менаџерски позиции. Од друга страна пак, жените доминираат во неколку сектори, како што се образованието, медицината и како што рече потпретседателката на ВМРО – ДПМНЕ, Гордана Димитриоска – Кочоска, на една емисија на Алфа, во банкарскиот сектор. Сепак, немам точни податоци колку од нив се на менаџерски позации.
Мојот став, не отсекогаш, е дека мажите и жените треба да имаат еднакви можности во кариерата. Еднакво да се ценат нивните способности, знаења и умешности. Треба еднаш засекогаш да ја избришеме онаа слика дека мажите се единствено подобни да извршуваат одредена работа, а жените не. Мислам дека со самото тоа што живееме во ера на напредна технологија и дигитализација и сме доста понапредни во размислувањата од нашите предци, треба да сфатиме дека потребна ни е рамноправност.
Факт е дека за старите и изнемоштени лица во семејствата се грижат жените, за децата – жените, за домот – жените. Се‘ уште постои онаа стара, како да ја наречам…, формула која се практикува – мажите да работат и да носат пари, а жените да ги чуваат децата и да се грижат за домот.
Тука би сакал да дадам еден пример. Мене, моите блиски роднини, кои се постари ми велеа да најдам партнерка којашто ќе ми готви, чисти, пере… Кога бев помал, мислев дека навистина треба да биде така. но откако го погледнав светот од поблиску, сфатив дека во суштина, мојата идна избраничка треба да биде рамноправна со мене, можеби и поуспешна. И таа да работи, да создава кариера и да се надоградува. На ова што го напишав можеби некој ќе се смее, но се обидувам да бидам искрен.
Сметам дека доста ни е веќе од статистики и бројки, време е директно да зборуваме за проблемите преку примери и укажувања на истите. Секоја година пред 8-ми март се појавуваат статистики, што секако не се на одмет и се од голема помош, но на крајот од денот се се‘ сведува само на нив, а ништо на конкретни акции за справување со овие предизвици.
Јас во моите колумни го пишувам она што ми лежи на душата. Се обидувам да бидам искрен и да не делам многу памет. Поради тоа решив во оваа колумна да ги изразам моите ставови преку моите нараторски вештини, без притоа да користам одредени статистики.
Среќен предвремен 8-ми март, со надеж дека ќе направиме повеќе од тоа на жените да им даваме само цветови.

