МакедонијаПравдаСветот на работникот

Трудовиот инспекторат ќе проверува дали во здравството се вработуваат кадри по партиски клуч

Државниот инспекторат за труд ќе изврши контрола на вработувањата во тетовската клиничка болница, потврдија оттаму за ТВ 24. Ова доаѓа откако Дел од персоналот на болницата кој со години работи со договор на дело обвини за вработувања по партиски клуч на последниот конкурс.  

Од министерството за здравство денеска тврдат – решенија се делеле според потребите на болницата… Дополнително велат дека тие што не биле примени на овој оглас ќе може да се пријават на следниот во 2026 година.   

МИНИСТЕРСТВО ЗА ЗДРАВСТВО

„Станува збор за вработување на 129 лица (од кои над 90% веќе биле ангажирани во болницата со договор за дело). Наредните денови ќе биде објавен и нов оглас за нови 26 вработувања во админситрацијата во болницата. Тие што не се примени е поради профилот(на пример, според огласот имало потреба од еден анестезиолог, а на договор на дело биле ангажирани 9 лица од овој профил)..За следната 2026 година обезбедени се согласности за нови 133 вработувања во болницата ( 30 за доктори, еден стоматолог, 61 медицинска сестра, 30 хегиеничарки и 11 болничарки)“…

И директорот на болницата Ерзен Елези на ист став како ресорното министерство, тврди дека вработувањата биле според законските прописи, примени се 80 проценти од луѓето со договор на дело, а дополнително најави нов конкурс и за останатите кои се со договор на дело.

Дел од здравствените работници во Клиничката болница Тетово вчера излегоа на протест, обвинувајќи дека по години работа со договор на дело, останале без  решенија, а на нивно место, како што тврдат, на последниот конкурс биле примени надворешни лица и тоа преку партиски влијанија.

Ивона Неделковска

„ Членови од владеачката партија ВМРО-ДПМНЕ ни посочија за да бидам сигурна дека ќе добијам решение, да почнам да одам на нивните состаноци и да извадам партиска членска книшка. Еве, јавно ќе ви се обратам дека тоа нема да се случи. Нема да бидам никаков партиски војник што ќе го примите на работа и од него да барате услуги. Не може некој претседател на месен комитет да одлучи за мене дека нема да бидам примена на работа, а на мое место да ја примат сопругата на нивни сопартиец кој е член на Управниот одбор на Клиничката болница Тетово. Ова е непотизам и казниво е со закон“… 

Од Антикорупциската комисија ги повикаа да поднесат жалби за конкурсот, а потоа доколку имаат докази да ги достават и до антикорупциската комисија.

Инаку периодов во тек се огласи за вработувања во здравството – според најавите на здравствените власти решение треба да добијат 600 специјализанти и 1.200 вработени со договори на дело низ болниците ширум земјава.

Извор: ТВ24