ЕкономијаСвет

Каде се живее најдобро во Европа, а каде едвај се врзува крај со крај?

И покрај заедничките вредности и блиските културни врски, разликите во приходите низ Европа и понатаму се значајни. Иако овој јаз малку се намалува кога ќе се земе предвид куповната моќ, разликите и натаму остануваат големи.

Последните години европските домаќинства се соочија со сериозен пораст на трошоците за живот, дополнително влошени од војната во Украина и нарушувањата во снабдувањето по пандемијата. Многу семејства мораа да ја намалат потрошувачката и внимателно да го планираат секој трошок, дури и сега кога инфлацијата се приближува до целната стапка на Европската централна банка од 2%.

Како се мери стандардот?

Еден од најкористените показатели е медијанскиот еквивалентен расположлив доход – типичниот приход по лице во домаќинство, прилагоден според бројот на членови и по одбивање даноци, пишува Euronews Business.

Според податоците за 2024 година, овој доход се движи од 3.075 евра во Албанија до дури 50.799 евра во Луксембург. Во рамките на ЕУ, најнизок медијански приход има Бугарија – 7.811 евра, додека европскиот просек изнесува 21.582 евра.

На врвот на листата се наоѓаат Швајцарија, Норвешка и Луксембург, а веднаш по нив Данска, Австрија, Ирска, Холандија и Белгија, со приходи од 30.000 до 35.000 евра. Над просекот се и Финска, Германија, Шведска и Франција.

На другата страна се Македонија, Турција и Црна Гора, меѓу најниските во Европа. Во ЕУ, покрај Бугарија, и Унгарија и Романија имаат приходи под 10.000 евра.

Јасен источно–западен раскол

Податоците откриваат силен економски јаз: Западна и Северна Европа живеат значително подобро, додека Југоисточна и Источна Европа заостануваат. Разликата помеѓу Луксембург и Бугарија надминува 40.000 евра.

Како што објаснува д-р Стефано Филауро од Универзитетот Сапиенца во Рим, денешниот степен на просперитет е резултат на долгорочни фактори – историски развој на економијата, индустријализација и градење на социјалната држава.

Економистката од Меѓународната организација на труд, Ѓулија де Лакари, додава дека земјите со попродуктивни сектори – финансии, ИТ-индустрија или напредно производство – можат да исплаќаат значително повисоки плати. Економиите кои се потпираат на земјоделство или услуги со пониска додадена вредност природно имаат пониски приходи.

Што се менува кога ќе се земе предвид куповната моќ?

Кога приходите се споредуваат преку стандардот на куповна моќ (PPS), разликите се намалуваат, но остануваат големи. Медијанскиот доход се движи од 5.098 PPS во Албанија до 37.781 PPS во Луксембург.

Просекот на ЕУ изнесува 21.245 PPS, додека Унгарија е најниско рангирана меѓу земјите членки со 11.199 PPS. Земји како Полска, Романија и Бугарија изгледаат значително подобро според овој показател отколку според номиналните плати.

Меѓу најголемите економии во ЕУ, Германија и Франција остануваат над просекот, додека Италија и Шпанија се нешто под него.

Извор: BIZLife.rs