Светот на работникот

Како да користите ВИ за побрзо да се вклопите на новото работно место

Почетокот на ново работно место речиси секогаш носи период на интензивно учење. Вештачката интелигенција може да помогне тој процес да биде побрз и полесен, но само доколку се користи како алатка за учење и вежбање, а не како замена за сопственото знаење и искуство.

Кога ќе започнете нова работа, одеднаш треба да совладате голем број нови информации – од интерни процедури и начинот на работа, до проектите, клиентите и очекувањата на надредените.

Поради тоа, првите неколку недели често може да изгледаат како обид истовремено да следите премногу работи.

Покрај материјалите што ги добивате од компанијата, колегите и менторот, во овој процес може да ви помогне и вештачката интелигенција.

Пред да започнете да ја користите, сепак, важно е да проверите кои ВИ-алатки веќе ви се достапни во компанијата. Многу фирми користат интерни платформи, ботови или агенти за одговарање на прашања и автоматизација на рутински задачи, па нема потреба да создавате сопствени решенија доколку веќе постојат.

Откако ќе утврдите што ви е достапно, ВИ можете да го користите на неколку начини.

Направете ВИ-помошник за рутинските задачи

Првиот чекор е да ги препознаете задачите што често се повторуваат и ви одземаат време.

Ако, на пример, секој понеделник треба да пребарувате вести, да сортирате информации или да подготвувате одредени податоци, ВИ-агент може да автоматизира дел од тој процес.

На тој начин ќе остане повеќе време за работите што бараат ваше знаење, проценка и креативност.

Сепак, важно е да се направи јасна граница меѓу користењето ВИ за поголема продуктивност и препуштањето на задачи што бараат стручност.

ВИ може да помогне при пронаоѓање теми и идеи, но не треба да го преземе делот од работата што зависи од личното искуство, професионалното знаење и проценката.

Користете го ВИ како „соговорник“

Кога сте нови во компанијата, сè уште не размислувате на ист начин како луѓето кои работат таму со години. Токму затоа ВИ може да послужи како еден вид виртуелен соговорник.

Во него можете да внесете релевантни документи, информации за проектите, претходни работи или материјали поврзани со компанијата, а потоа да го користите за размислување за проблемите со кои се соочувате.

Наместо од ВИ да барате готов одговор, можете да побарате да ги преиспита вашите заклучоци, да ви постави дополнителни прашања или да понуди поинаков агол на гледање.

На тој начин вештачката интелигенција не носи одлуки наместо вас, туку ви помага побрзо да дојдете до нив и да ги согледате работите од повеќе перспективи.

Вежбајте ги ситуациите што ве очекуваат

Новата работа често носи ситуации за кои немате претходно искуство.

Тоа може да биде првиот разговор со клиент, преговори, давање повратна информација на колега или водење состанок.

ВИ во такви ситуации може да послужи како своевиден симулатор.

Можете да му зададете улога на клиент, колега или вработен и да го вежбате разговорот пред ситуацијата навистина да се случи.

Вештачката интелигенција може да симулира различни реакции – од соговорник кој е отворен за разговор до лице кое е незадоволно или тешко прифаќа критика.

Уште покорисно е тоа што по симулацијата можете да побарате повратна информација за вашиот настап и да прашате што би можеле да направите поинаку.

ВИ не треба да ве замени, туку да ве забрза

Најголемата вредност на ВИ на почетокот на новата работа можеби не е во тоа што ќе заврши одредена задача наместо вас, туку во тоа што може да ви помогне побрзо да учите, подобро да се подготвите и посигурно да се соочите со новите ситуации.

Сепак, важно е да се има предвид и безбедноста на податоците.

Доколку компанијата има одобрена ВИ-платформа или деловен кориснички профил, предност треба да им се даде токму на тие алатки, особено кога се работи со интерни или доверливи информации.

На крајот, целта не е вештачката интелигенција да ја преземе вашата работа.

Целта е да ви помогне побрзо да станете добри во неа.

Извор: BIZLife