Како да станете подобар соговорник: Осум навики кои можете да ги научите
Кога зборуваме за луѓе кои се добри во комуницирање, често помислуваме на харизмата, духовитоста или способноста без проблем да водат разговор. Меѓутоа, одличните соговрници не мораат да бидат најгласните или најзабавните луѓе во просторијата.
Она што ги издвојува не се нужно личните карактеристики, туку навиките. Начинот на кој пристапуваат кон разговорот, ги слушаат другите и реагираат може да се научи и извежба. Веб страната Fastcompany издвоила осум образци на однесување кои се забележани кај најдобрите соговорници.
1. Љубопитни се, не се обидуваат да остават впечаток
Добрите соговорници не влегуваат во разговор со идејата дека мораат да го импресионираат другиот. Нивната цел е да разберат.
Наместо да размислуваат за тоа како звучат или каков впечаток оставаат, тие поставуваат прашања бидејќи навистина ги интересира одговорот. Кога интересот е искрен, разговорот престанува да личи на настап и станува природна размена.
2. Слушаат за да разберат, а не за да одговорат
Многу луѓе всушност не го слушаат соговорникот, туку го чекаат својот ред да зборуваат. Додека другото лице зборува, веќе размислуваат за следната реченица или бараат прилика да го уфрлат сопственото искуство.
Добрите соговорници го прават спротивното. Внимателно слушаат, се надоврзуваат на она што го слушнале и поставуваат дополнителни прашања. Кога некој ќе почувствува дека навистина го слушате, поголема е веројатноста дека ќе се опушти и поотоврено ќе зборува.
3. Не се плашат од тишина
Многу луѓе се обидуваат да ја пополнат секоја пауза во разговорот. Меѓутоа, кратката тишина не мора да биде непријатна.
Напротив, таа може на другото лице да му даде време да размисли и да каже нешто посмислено. Добрите соговорници не чувствуваат потреба разговорот постојано да го одржуваат во движење.
4. Не се обидуваат да „победат“ во разговорот
Добриот разговор не е натпревар. Луѓето кои добро комуницираат немаат потреба секогаш да докажат дека се во право, да покажат колку знаат или да ја исправат секоја ситница. Дури и кога не се согласуваат, тоа го прават без непотребно кревање на тензијата.
Кога ќе исчезне потребата за победа, разговорот станува простор за размена на идеи, а не борба за превласт.
5. Ја прилагодуваат енергијата на соговорникот
Некој зборува брзо и гласно, некој побавно и помирно. Некој веднаш преминува на лични теми, додека на другото лице му треба повеќе време за да се опушти.
Добрите соговорници умеат да ги препознаат тие разлики и да ги прилагодат темпото и тонот на разговорот. Тоа не значи дека не се автентнични, туку дека разбираат дека добриот разговор го градат двете страни.
6. Поставуваат едноставни прашања
Понекогаш мислиме дека доброто прашање мора да биде особено паметно или оргинално. Во пракса, наједноставните прашања често отвораат најдобри разговори.
„Што ти се допаѓа најмногу тука?“ Или „Како си дошол до тоа?“ можат да бидат доволни другото лице да започне да зборува за работите кои му се навистина важни.
Едноставните прашања не создаваат притисок и му оставаат простор на соговорникот да одговори со сопствени зборови.
7. Остануваат присутни и кога темата не е интересна
Нема секој разговор да биде фасцинантен. Понекогаш темата ќе биде далеку од нашите интереси, но добрите соговорници не престануваат да слушаат штом разговорот тргне во насока која не им е интересна.
Тоа не значи дека треба да глумат воодушевување. Доволно е да покажат почит кон перспективата на другото лице и да останат присутни во разговорот.
Вниманието кое некому му го даваме често е поважно од тоа дали темата моментално ни е интересна.
8. Создаваат чувство на сигурност
Можеби најважната карактеристика на добриот соговорник е другото лице да се чувствува доволно сигурно за да зборува.
Сигурно да постави прашање, да признае дека нешто не знае, да направи пауза или да изрази поинакво мислење.
Таквото чувство не настанува поради една совршена реченица, туку поради начинот на кој реагираме. Кога луѓето ќе почувствуваат дека другото лице нема да ги избрзува или осудува, лесно се опуштаат и стануваат поотоврени.
Добрата комуникација може да се научи
Заедничко на сите овие навики им е тоа што немаат многу врска со личноста. За добар разговор не е неопходно да се биде екстровертен, исклучително самоуверен или брз на јазик.
Потребни се внимание, трпение и подготвеност навистина да ја слушнеме другата личност.
Токму затоа добрата комуникација не е воредна особина која некој ја има или ја нема. Тоа е вештина која се развива низ пракса. Што повеќе ја вежбаме, толку се поголеми шансите нашите разговори да бидат поквалитетни, поприродни и покорисни, како приватно така и на работа.
Извор: BIZLife.rs

