Масовни протести во Италија: Над 1.000 студенти на улиците во Торино, демонстрации и во Наполи
„Нема да ја плаќаме цената на војната“ – со оваа порака илјадници студенти, ученици и работници излегоа на улиците во италијанските градови Торино и Наполи, изразувајќи незадоволство од растот на трошоците за живот, ниските плати и зголемените средства за воени потреби.
Повеќе од 1.000 студенти и средношколци денеска учествуваа на протест во италијанскиот град Торино, каде што им се придружија и работници во рамки на националниот штрајк организиран од синдикатите. Демонстрации беа одржани и во Наполи, пренесуваат италијанските медиуми.
Протестната колона во Торино тргна од седиштето на Факултетот за општествени и хуманистички науки кон плоштадот Пјаца Палацо ди Чита. Демонстрантите носеа транспаренти со пораки: „Од север до југ: студентите и работниците се обединети. Нема да ја плаќаме цената на војната“ и „Секое училиште ќе биде окупирано, секој плоштад ќе биде револуција“.
На протестот учествуваа претставници на студентските организации „Камбиаре Рота“ (Cambiare Rotta), „Студентска опозициска алтернатива“ (OSA) и други здруженија. На колоната ѝ се приклучија и наставници, како и административниот, техничкиот и помошниот персонал во училиштата.
„Денеска е историски ден. Со години се обидуваа да ги поделат студентите, наставниците и училишниот персонал. Денеска можеме да го смениме курсот и да порачаме дека средствата треба да се насочат кон училиштата, а не кон војната“, порачаа организаторите преку мегафон.
За време на протестот се слушаа и пароли како „Даноците растат, платите се преполовуваат“ и „Нашите пари ги користат за финансирање на војската“.
Друга протестна колона тргна од окупираниот кампус „Еинауди“ кон истиот плоштад. На чело на колоната беше транспарент со пораката: „Против војните и високите трошоци за живот – да ја запреме Италија“.
Протести и во Наполи поради растот на трошоците за живот
Истовремено, протести се одржаа и во Наполи, каде што неколку стотици демонстранти, меѓу кои студенти и синдикални претставници, се собраа на плоштадот Пјаца Манчини.
Во центарот на градот беше најавена протестна прошетка во рамки на штрајкот организиран од синдикатот УСБ (USB).
Меѓу учесниците имаше претставници на општествени центри, ученици и студенти, кои го изразија своето незадоволство од ниските плати, зголемените трошоци за живот, повторното вооружување и војните во Украина и Газа.
Голема група ученици од неколку средни училишта во Наполи, меѓу кои и учениците од училиштето „Џеновези“, кое веќе неколку дена е под окупација, пристигна од блиската улица Корсо Умберто за да им се приклучи на демонстрантите.
Студентите носеа и транспаренти упатени до италијанската премиерка Џорџа Мелони, на кои пишуваше: „Мелони, оди си, инаку ќе се налутиме… Всушност, веќе сме лути“.
Протестите во двата града се одржуваат во рамки на поширокото незадоволство на студентите и работниците од економските услови, со барања за поголеми вложувања во образованието и социјалните потреби наместо во воени расходи.
Извор: Srbija Danas

