МакедонијаСветот на работникот

Се’ додека нашиот БДП по глава на жител не го доближиме до просекот на Европа, младите ќе заминуваат

Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека бројот на работници во индустријата е опаднат. Според нив за една година бројот на работници е намален за 3,4 %.

Редакцијата на порталот Работник испрати прашања до Ангел Димитров, Претседател на Собранието на Организацијата на работодавачи на Македонија и бизнисмен за тоа дали постои опасност да згаснат фабрики во Преработувачката индустрија и што треба да се направи за да се спречи тоа.

„Недостигот на квалификувани работници не е очигледен само во преработувачката индустрија. Со недосиг на работници се соочуваат и хотелите и рестораните, па и јавниот сектор, каде фалат медицински сестри“, вели Димитров.

Според него, во секоја гранка состојбата варира во однос на моменталните потреби, сезонскиот карактер, краткорочните и долгорочните движења на берзите и странските пазари.

„Сметам дека овие проблеми во моментов не предизвикуваат затворање на комапнии, но се разбира, го ограничуваат идниот раст и ги обесхрабруваат оние што сакаат да започнат бизнис во секторите кои бараат поголем број на вработени“, истакна Димитров.

Бидејќи проблемот е присутен и во земјите од околината, вели Димитров, сведоци сме дека во моментов сите се обидуваат недостигот на работници да го обезбедат со вработување на странски лица. „Но, овој начин доведува до други проблеми кои се присутни во скоро сите земји. Странските работници најчесто Балканот го користат како времена дестинација на патот кон Европа, тешко се вклопуваат во заедницата и сл.“

Најдобро решение, според Димитров, е најпрво да ги вработиме нашите невработени и вработените на црно, а потоа да го спречиме или намалиме иселувањето на младите од земјава.

„Но и двете решенија досега се покажаа како многу тешки за решавање. Голем број на невработени не покажуваат интерес за преквалификации и обуки, 60 % од истите се со основно или без основно образование и најчесто не сакаат да се откажат од социјалната помош и преферираат вработување на црно“, посочи Димитров.

Од друга страна, како што вели, намалувањето на иселувањето на младите бара политичка смелост за тешки и непопуларни реформи, како што се владеењето на правото, јакнењето на институциите, реформи во администрацијата, структурни промени во стопанството, реформи во образованието и други мерки кои досега тешко ги правиме.

„Сѐ додека не успееме нашето ниво на БДП по жител да го доближиме барем до просекот на Европа, младите и понатаму ќе ја напуштаат земјата. Не треба да заборавиме дека во минатото овие земји издвојувале многу поголеми средства за инвестиции од нас, а ние денес дојдовме до ситуација кога нивото на јавен долг не ни овозможува понатамошно задолжување за да ги зголемиме инвестициите, како во инфраструктурата, така и во образованието, здравството, културата итн., што е услов за подобар живот на граѓаните“, вели Димитров.

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и Главен и Одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk