АКО ЗАКОНОТ ЗА ПЛАЌАЊЕ ВО КЕШ НА ПРИВРЕМЕНИ РАБОТНИЦИ ДАДЕ ПОЗИТИВНИ РЕЗУЛТАТИ, МОЖЕ ДА СЕ ПРОШИРИ И ЗА ДРУГИ ДЕЈНОСТИ
Законот за работно ангажирање на лица за вршење на работи од привремена и повремена природа, чиј креатор е Министерството за труд и социјална политика, и за кој во ноември минатата година имало јавна расправа, предизвика разни реакции кај засегнатите страни. Едните го фалат, а пак другите велат дека ги уназадува работничките права.
Имено, ова законско решение предвидува плаќање во кеш на привремени и повремени работници во домаќинствата, дејности кои ангажираат сезонски работници, како земјоделството, угостителството и градежништвото.
Најдолг период во кој ќе можат да се ангажираат овие работници може да изнесува до 6 месеци, а работодавачите ќе бидат обврзани да им плаќаат придонес за пензиско и инвалидско осигурување и данок на доход кој може да биде од најмал износ (минимална плата) до 2,000 евра, колку и што е дозволено да се плаќа во кеш. Инаку, работодавачите ќе можат да им ги исплаќаат платите и во кеш и преку трансакциска сметка. Надоместокот ќе може да се исплати на крајот на работниот ден или најдоцна пет дена по истекот на ангажманот.
Законското решение предвидува и работодавачите да можат да ангажираат до 10 % од вкупниот број вработени, односно најмалку 10 вработени, но тие не смеат да ангажираат лице кое пред 3 месеци било во постојан работен однос кај ист работодавач.
Реакциите на експертите и синдикатите се во насока на тоа дека државата сака да го наполни буџетот со пари, но и дека со ваквото законско решение се уназадуваат работничките права. Од ССМ, кои уште во ноември знаеле за ова законско решение, посочиле дека истото не треба да важи за земјоделството и градежништвото, каде што работничките права се веќе во лоша состојба.
Реакција имаше и од „Гласен Текстилец.
Уште една спорна работа е што истото ќе важи и за правни и физички лица. На пример, некој обичен човек може на овој начин да ангажира хигиеничар.
Претседателот на Собранието на Организацијата на работодавачи на Македонија, Ангел Димитров, во изјава за Работник, рече дека ваквото законско решение произлегло од идејата како да се стават во системот за социјално осигурување работниците кои времено се ангажираат во земјоделието, угостителството или градежништвото.
Сите сме свесни дека најголем број од овие работници работат на црно т.е. воопшто не се пријавени во системот на социјално осигурување. Работодавачите од овие области се жалат дека овие работници не се сигурни и воопшто не се во можност да предвидат кој од нив ќе се појави на работа следниот ден, истакна Димитров.
По примерот на некои други држави, работодавачите сакале ова поедноставување да биде во вид на ваучери за плаќање на социјалните придонеси, но по проектот со ЕУ настанала идејата тоа да се направи преку електронско пријавување и плаќање на придонесите.
Законот треба да им помогне на работодавачите на наједноставен начин да го вршат ова пријавување во истиот ден кога и ги земаат овие работници. Се разбира, покрај поедноставувањето (морковот) потребно е и да се зајакнат контролите на терен (стапот), за да се намали вработувањето на црно на овие сезонски работници.
Вчера во реакцијата на Здружението за заштита на работничките права „Гласен Текстилец“, меѓу другото, стоеше дека веќе кога законското решение планира да се носи, треба да важи за целиот приватен сектор.
Димитров вели дека прво одлучено е да важи само за дејностите каде најмногу се јавува овој тип на работното ангажирање, но ако даде позитивни резултати, законот може да се прошири и за други дејности.
Резултатите од еден ваков закон се многу добри во Хрватска, Португалија и други европски земји и се надеваме дека и кај нас тој ќе даде придонес кон намалување на работата на црно, посочи Димитров.

