Останато

Во Хрватска за перач на садови нудат 1,100 евра, кај нас не ни ги објавуваат платите

Летната сезона е пред нас, па угостителите ширум Балканот наголемо се подготвуваат. Еден угостител од Сплит објавил оглас на Фејсбук страна дека бара дополнителна помош за во кујна, поточно перач на садови.

„За претстојната сезона хотел во центарот на Сплит бара двајца помошни работници за во кујна (претежно миење на садови). Не е потребено претходно искуство. Платата е 1,100 евра, еден слободен ден во неделата и се работи осум часа дневно. Сместување и топол оброк се обезбедени. За повеќе детали во инбокс. Благодарам и пријатен ден“, се наведува во огласот.

Следела жестока расправија во коментарите.

„Платата е срамотна со оглед дека е сезона во прашање и тоа во Сплит. Дојдете си на себе и почнете да го цените трудот на човекот! Па ќе најдете поштен работник“, напишал еден од корисниците на социјалната мрежа.

„Синко, никој нема да сака да ти работи за 1,100 евра во кујна на 150 степени“, напишал друг.

Еден од коментарите укажал на една многу подобра ситуација за перачите на садови во една земја во Централна Европа.

„Во Швајцарија перачите на садови работат за 2,500 евра, храна и сместување, така што 1,100 е малку срамота.“

„Поштен работодавач крши закон и уште тоа и го пишува!!! 8 часовно работно време – следуваат 2 слободни дена.“

Коментари напишале и оние кои сметаат дека сепак ова е добра прилика.

„Миење садови, 1,100 евра, храна и сместување обезбедени, што сакате? 3,000 евра за миење садови, што ви е луѓе… Хигиеничарките на аеродром имаат по мах. 900 евра, а се отепуваат од работа и не се бунат.“

Инаку, просечната месечна исплатена нето плата во Хрватска е 1,248 евра, а медијалната 1,044, пренесува Слободна Далмација.

По македонските платформи за вработување може да се најдат еден куп огласи за работа во туристичко – угостителскиот сектор. Се бараат помошници за во кујна, помошници готвачи, готвачи, шанкери и се разбира келнери. Поголемиот дел од работодавачите не ги наведуваат платите во огласите.

Извор: Telegraf Biznis

Фото: Pixabay/Rewrite27

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и Главен и Одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk