Само 2 % од работниците треба да земаат минимална плата, на останатите треба да им се дадат повиски, вели Димитров (ВИДЕО ИНТЕРВЈУ)
Ненормално е во една држава 20 % од вработените да земаат минимална плата. Истата треба да ја земаат само два проценти од нив, односно оние кои имаат низок степен на образование и извршуваат мануелен труд. Останатите треба да земаат поголема плата од минималната, вели Претседателот на Собранието на Организацијата на работодавачи на Македонија, Ангел Димитров во Видео интервју за Работник.
На прашањето колку компаниите се подготвени да ги зголемат платите за да ги задржат постојаните работници и да привлечат нови, Димитров посочи дека тоа е нормална појава, бидејќи секој работодавач е свесен дека ако сака да ги задржи работниците треба максимално да ги зголеми платите.
„Тој максимум зависи од приходите и расходите што ги има во компанијата. Тоа не може да биде неограничено и колку што се потребите на самите работници. За жал, ние имаме стопанство кое има ниско ниво на доходовност, вработува едноставен мануелен труд и каде што, да речеме, додадената вредност е многу помала од компаниите во Европа. Јас сум сигурен дека компаниите во последните две години направија максимум можности за покачување на платите“, рече тој и додаде дека во компанијата со којашто раководи никогаш во историјата не било месечната плата да биде толку блиску до просечната плата во Републиката.
Во текстилната, но општо и во преработувачката индустрија, објасни тој, не може да се дадат толку големи плати колку што очекуваат работниците.
Очекува расчекорот помеѓу она што го очекуваат работниците и можностите на компаниите да биде и понатаму присутен, притоа посочи дека секоја компанија индивидуално треба да најде начин како да излезе од оваа состојба.
Се осврна и на растот на минимлната плата, за кој рече дека создал тн. урамниловка, а со тоа подобрите работници не можат да се наградат, што предизвикува демотивација кај истите.

