ЕкономијаНовостиСветот на работникот

НЕ Е ПОТРЕБНА ДИПЛОМА И СИТЕ ГИ БАРААТ, А ПЛАТАТА Е ОДЛИЧНА: На светот му недостигаат 3,5 милиони вакви стручњаци

   Време за читање 3 минути

Борбата против сајбер (интернет) криминалот е една од најбрзо растечките индустрии во Соединетите Американски Држави, но и глобално. Тоа се должи на фактот што со се‘ поголемото изложување на компаниите на интернет просторот, доаѓа до драстичен пораст на сајбер нападите.

Според податоците на ФБИ (FBI), сајбер криминалот доживува пораст и тој изнесувал дури 300% од почетокот на пандемијата со коронавирусот.

Со самото тоа што сајбер нападите се зголемуваат, се зголемуваат и потребите за стручњаци за сајбер безбедност. Американскиот Завод за статистика предвидува дека бројот на работни места во сферата на сајбер безбедноста ќе порасне за 32% во наредната деценија, што, како што наведува CNBC, е далку побрзо од просекот за други занимања.

Моментално во САД недостигаат речиси 600,000 стручњаци за сајбер безбедност, додека на глобално ниво оваа бројка е 3,5 милиони, вели Лиса Гевелбер, главна маркетиншка директорка на Гугл за американскиот пазар.

Не ви е потребна диплома

Според неа, сајбер безбедноста е една од најпотценетите занимања, бидејќи многумина сметаат дека е доста тешко да се пробие во оваа сфера. Таквите размислувања се должат на тоа што сајбер безбедноста е високо специјализирана, техничка улога, објаснува таа и додава дека не сфаќаат дека за ова занимање не е потребна диплома за да се зема добра плата.

„Постои неверојатна потреба и побарувачка за луѓе со тие вештини“, вели Гевелбер, која во 2017 година ја основала „Grow with Google“, иницијатива на технолошкиот гигант за развој на вештини.

Мрежната програма нуди лекции и сертификати за бараните вештини, како што се сајбер безбедност и аналитика на податоци. Сертификатот за сајбер безбедност може да се заврши само за три месеци и чини 44,83 евра месечно.

Другите факултети и организации, вклучувајќи ги Amazon Web Services, Универзитетите Колумбија и Пенсилванија нудат споредливи сертификати за сајбер безбедност.

Најголемиот дел од работните места поврзани со сајбер безбедност изисикуваат минимум завршено средно училиште, како и завршена онлајн обука. Дел од најпопуларните работни места во оваа област вклучуваат инженери за безбедност, аналитичари за сајбер безбедност и архитекти за безбедност. И покрај тоа што секојдневните обврски за секоја улога се различни, основните вештини се речиси идентични, нагласува Гевелбер.

Колку изнесуваат платите?

Овие стручњаци се потребни во сите индустрии, но најмногу се барани во финансискиот сектор, здравството и владните органи, вели Гевелбер.

Просечната плата за многу занимања во оваа сфера надминува 91,490 евра годишно. Според BLS, просечната плата на аналитичарите за сајбер безбедност изнесува 102,468 евра, додека менаџерите за сајбер безбедност земаат и до 150,107 евра.

Оние кои работат на далечина, заработуваат и до 182,980 евра годишно.

„Сајбер безбедноста е возбудлиа сфера со многу прилики за раст. Компаниите едноставно не можат доволно брзо да ги пополнат овие работни места“, истакна Гевелбер.

Извор: Poslovni dnevnik/BIZLife.rs

Фото: Freepik

Бобан М. Илијевски

Новинар за работни односи, кариера и човечки ресурси

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *