„Минималната саатница не може да биде иста за текстилниот, ИТ и градежниот сектор“

Потребно е да се воведе минимална плата на час или саатница. Но, мора и да се воведе евиденција на работното време во оние сектори каде што се‘ уште нема. Како и да се засили, онаму каде што постои.

Ова го велат дел од синдикатите со коишто разговараше Порталот „Работник“.

Од Движењето за социјална правда „Обединети Работници“ сметаат дека сегашниот модел на исплаќање минимална плата е разумен.

Експертите од областа на трудовото право и пазарот на труд во првиот дел од приказната на „Работник“ за воведување на минимална саатница, рекоа дека би можела да се воведе. Тоа, според нив, би можело да се направи преку нејзино регулирање во Колективните договори или Законот за работни односи.

Потребна е реална евиденција, за реална саатница

Првиот човек на Конфдерацијата на слободни синдикати на Македонија,Благоја Ралповски, вели дека треба да се воведе минимална саатница. Истовремено треба да се вовде и евиденција на работното време. Според него, без евиденција на работните часови, одредени работодавачи не би им ги плаќале целосно работните часови на работниците.

Треба да се воведе минимална саатница во државата, но потребна е и реална евиденција на работното време. Без реална евиденција на работното време, ние не можеме да имаме минимална саатница. Тоа е од причина што секогаш се злоупотребува евиденцијата на работното време, вели Ралповски.

Според него, овој проблем би можел да се реши со политичка волја. А, доколку се реши истиот, според него, ќе биде решен најголемиот проблем на работниците во Македонија.

Работниците работат многу повеќе од 40 часа неделно и прекувремените часови не им се исплаќаат од страна на одредени работодавачи.

Менаџерите кои работат на месечна плата, процентуално повеќе се платени од работниците кои работат на саатница

Претседателот на „Обединети Работници“ Бобан Кочовски вели дека во компаративното право постои пракса саатницата да се применуваат за работните позиции коишто се теренески по својата природа. Вели дека истите процентуално се повеќе платени.

Од друга страна, со месечна плата се плаќаат лицата на раководни позиции и менаџери. Овие лица се процентуално помалку платени по сработен час. Сепак, тие ужуваат далеку подобри услови за работа во однос на првите наведени работници, вели Кочовски.

Кочовски смета дека моменталниот систем на регулирање на работниот однос во Македеонија, а со тоа и неговото плаќање е разумен и дека го постигнува својот ефект.

Ова го говорам од причина што моменталниот систем на регулирање иако е помалку флексибилен од воведувањето на саатница, сепак ја зголемува сигурноста на работникот.  Тој на крајот од месецот добива загарантирана плата, утврдена со договорот за вработување, вели Кочовски.

Предноста кај работата на плата, објаснува Кочовски, е тоа што работникот при склучување на договорот знее колкаво не неговото работното време. Знае кои денови ќе работи, а кои не. Има увид во тоа колкава е неговата месечна плата, како и запознаен е со тоа кои права ги ужива.

Ова не е случај кај саатницата, тврди Кочовски.

Минималната сааатница не може да биде иста во текстилниот, ИТ и градежниот сектор

Ралповски вели дека саатницата треба да се регулира единствено со вистинска евиденција на работното време. Појасни дека истата треба биде регулирана по сектори.

Не може минималната саатница да биде иста во трудинтензивните дејности, ИТ секторот и во градежништовото. Треба да имаме минимална саатница којашто ние како синдикати треба да ја регулираме во гранските Колективни договори во сите сектори, истакна Ралповски.

За тоа како би требало да се регулира минималната саатница, Кочовски дека тоа би требало да се направи преку Законот за работните односи. Според него, овој Закон најдиректно ја регулира оваа материја.

Фокус мора да се стави, вели Кочовски, на регулирање на саатницата и прекувремената работа. Како и на фондот на дневни и неделени часови, уживање на заштитните права при работен однос и сл.

На прашањето на што најмногу треба да се обрне внимание при воведувањето на минимална саатница, Ралповски е дециден дека најважна е евиденцијата на работното време.

Тој рече дека најмногу би се злоупотребувала во трудоинтензивните дејности, угостителството и хотелиерството и туризмот и трговијата. Поради тоа мора да има воспоставена евиденција на работното време.

Според Кочовски, во ситуација кога би се постигнал компромис околу воведување на саатница, фокусот мора да се стави на правичен надоместо за сработената работа. Потребно е и да се создадат услови за заштита на овие работници, на начин којшто е предвиден за работниците кои работат за месечна плата.

Ќе мора да се внимава овој облик на плаќање да не ги доведе работниците во полоша состојба од онаа во која што се наоѓаат сега. Да ги уживаат заштитните мерки во целост или делумно. Мора да се постави прашањето и за придонесите, додатоците и бонусите, односно на кој начин тоа би било регулирано, заклучи Кочовски. 

Став побаравме и од Претседателката на Организацијата на работодавачи на Македонија, но до објавувањето на приказната, не добивме одговор.

 

Бобан Илијевски е главен и одговорен уредник на порталот Работник и е еден од ретките новинари во Македонија специјализирани за областа на работните односи.

Бобан Илијевски

Бобан Илијевски е главен и одговорен уредник на порталот Работник и е еден од ретките новинари во Македонија специјализирани за областа на работните односи.