Колумни

Буџетот на кислородна поддршка

Во време на пандемија згодно е да се користиме со медицинска терминологија. Впрочем на буџетот му е потребно лекување.

Овој месец со мало задоцнување Министерството за финансии излезе со извештајот за извршувањето на буџетот за месец јуни. Не знам на што се должи доцнењето од 3 дена, дали дека 25-ти се падна во саботата, или можеби затоа што министерката предизборно ни ги соопшти големите достигнувања на буџетот, но само од страна на приходите.

За волја на вистината, приходите се поголеми во однос на мај за 13 %, но зачудувачки тие се помали во однос на месец април кога буквално ништо не работеше. Тоа би требало да ја загрижи министерката.

Она што предизборно не ни го соопшти, тоа се расходите, кои исто така растат. Во однос на месец мај тие се поголеми за 7 %. Така, месецот повторно е завршен со огромен буџетски дефицит од 114,6 милиони евра, и истиот во однос на претходниот месец е зголемен за 4,6 милиони евра. Со тоа, Владата во првата половина од годината направи буџетски дефицит од преку 400 милиони евра, или преку 56 % од предвидениот буџетски дефицит во ребалансираниот буџет. Историски достигнувања, нема што!!!

Исто така, од она што можам да го согледам преку разговори со бизнисмени, на буџетот му стојат како „камен околу врат“ и огромни доспеани долгови, како што се неисплатени а извршени работи, услуги или купени стоки, кон реалниот сектор, неисплатени средства по основ на годишни програми… Како пример ќе ја земам само Програмата за финансиска поддршка во земјоделството, каде во програмата за 2020 година се предвидени средства за неподмирени обврски по програмата од 2012 и секоја наредна година. Замислете?!

Што понатаму?!

Очигледно е дека буџетот не може да го издржи ова темпо, наметнато повеќе би рекол предизборно, отколку заради некаква стратегија да се помогне на реалниот сектор и граѓаните. На секое фрлено евро како субвенција за да се поттикне потрошувачката или да се задржат работните места, Владата во буџетот враќа 0,35 евра. Се насетува брзо затворање на кругот и ново задолжување.

Затоа, новата Влада како прва точка на својата прва седница треба да го стави новиот ребаланс на буџетот. Но, овој пат да направи затегнување на ременот на своите пантолони, или сукњи сеедно. Продолжувајќи вака, лесно ќе биде пробиена границата од милијарда евра буџетски дефицит во 2020 година, што е околу 10 % од нашиот БДП.

Знаете што следи кога не помага кислородната поддршка, пациентот се интубира и се става на респиратор. А таму шансите да се преживее се отприлика „фифти – фифти“. Затоа, подобро е да се спречи, отколку да се лечи.

Ние „МОЖЕМЕ“!!!

ДА БАНКРОТИРАМЕ!!!

Извор: Дијалектика.ком 

Автор: Стефчо Негриески