ГОДИШНИОТ ОДМОР НЕМА ДА БИДЕ ОГРАНИЧЕН: Кога ќе се донесе новиот Закон за работни односи?
Подготвил: Бобан Илијевски
Работниците и работодавачите да можат да се договорат за траењето на годишниот одмор. Вака стои во Предлог Законот за работните односи до кој дојде редакцијата на порталот Работник од своите извори.
Ова значи дека по носењето на законот од страна на Собранието, ќе престане да важи одредбата од член 137 од актуелниот Закон која вели дека со Договор за вработување или Колективен договор, годишниот одмор може да се продолжи до 26 дена.
Во Предлог Законот за работни односи годишниот одмор е уреден во членот 140, кој во став 1 вели дека работникот има право на платен годишен одмор од најмалку 20 дена, што е веќе уредено и со актуелниот Закон. Промената е во ставот 2, во кој стои:
„Траењето на годишниот одмор се определува со колективен договор или договор за вработување и не може да биде пократок од годишниот одмор од став (1) на овој член.“

Оваа одредба им остава простор на вработените и работодавачите преку Колективен договор или Договор за вработување да определат, на пример, годишен одмор и во траење од 30 или 35 дена.
Останува да се види кои рабодавачи, откако ќе се донесе новиот Закон, ќе „пуштат срце“ и ќе им овозможат на вработените поголем годишен одмор.
Факт е дека голем број на компании зголемувањето на времетраењето на годишниот одмор го користат како алатка за задржување на постојаните вработени и привлекување на нови.
Инаку, според сознанијата на порталот Работник, Законот се очекува да биде затворен во јуни, а потоа да биде испратен до Собранието.

