ЗРО има предвидено други механизми за отстранување на лошите кадри, договорите на определено време не се за таа намена
Колумна на Бобан Кочовски
Изговорот кој што го слушаме од работодавачите и нивните комори/сојузи во однос на оправданоста на договорите на определено време, поточно дека истите се заради отстранување на лошиот кадар од компаниите и заштита на интересите на работодавачите, можеме слободно да констатираме дека тоа нема никаква основа врз која што би се темелеле ваквите тврдења.
Реалноста е дека договорите на определено време се само мошне корисна алатка за злоупотреба на положбата на компаниите (како посилна страна во работниот однос), односно алатка која дава имунитет на работодавачите од одговорност.
Зошто го велам ова?
ЗРО иако недоволно прецизно, сепак во својот законски текст предвидува ПРАВИЛО договорите за вработување да се склучуваат на неопределено време, а ИСКЛУЧОК да биде договорот на определено време (но само во одредени посочени ситуации! ).
Потоа, доколку навистина вистинската причина за користење на договорите на определено е проценка на кадрите, односно полесно отстранување на лошите кадри, тогаш постојат други механизми кои законот и тоа како ги предвидел.
Овде најмногу мислам на клаузулата вршење на пробна работа кон главниот договор на неопределено време, со што самата компанија ќе има доволно време да процени дали своите нови вработени треба да добијат постојано вработување или не.
Исто така, доколку се работи за вработени кои што подолго време се во компанијата, но компанијата смета дека работниците не работат на задоволително ниво, тогаш компанијата може да испрати формална писмена опомена до вработените, каде што ќе им дадат рок од 14 дена за да го подигнат квалитетот на работење, а ако работниците не се подобрат – тогаш работодавачот може да им го откаже договорот без никакви последици.
Гледаме дека ЗРО вовел механизми за справување со голем број на ситуации кои се јавуваат на терен, но останува фактот дека овој закон континуирано се применува погрешно, извртено и нецелосно, односно се применува во зависност од потребите и желбите на работодавачите, оставајќи ги работниците на милост и немилост.
Компаниите мораат да разберат дека среќни работници се продуктивни работници, а работници кои се жртви на оваа реалност се само немотивирани, без желба за прогрес.
Промени се преку потребни, а единствено од работодавачите зависи дали и колку ќе имат слух за овој проблем, односно дали и колку се спремни да се посветат на своите вработени онака како што тие го очекуваат истото од нив.

