НовостиПравдаСветот на работникот

Пред прагот на екстремна сиромшатија – „Земам на заем пари за да го преживеам месецот“

   Време за читање 2 минути

„Позајмувам пари од пријатели и роднини за да можеме да го преживееме месецот. Сопругата работи сезонски, нема редовни примања, а јас работам за минимална плата“, рече еден од 1,800-те вработени во ЈП „Национални шуми“ кои немаат земено плата за февруари и март и немаат здравствено осигурување. Тие речиси еден месец, односно од 1 април се во целосен штрајк, кој според Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање – СГИП чии што членови се, нема да запре сѐ додека не се исплатат платите.

Вработениот, кој сакаше да остане анонимен поради страв од отказ, рече дека на неговото семејство му се потребни 600 до 700 евра месечно за да ги покрие основните трошоци. За него, одењето на петдневен одмор во некои од македонските туристички дестинации е мисловна именка. „20 години не сме отидени на одмор. Едвај го преживуваме месецот, на одмор воопшто не ни текнува“.

Директорот на ЈП „Национални Шуми“, Валентин Груевски во изјава рече дека причината поради која не се исплатени платите се финансиските тешкотии со кои претпријатието се соочило минатата година, но и во текот на овогодишниот зимски период.

„Јас се надевам дека платата за февруари ќе биде пуштена утре, додека платата за март очекувам да биде пуштена на почетокот на сезоната“, рече Груевски.

За новите 355 вработувања, за кои од СГИП рекоа дека се дел од проблемот поради кој нема плати, Груевски рече дека тие вработени и претходно работеле сезонски во претпријатието и дека нивното вработување не е проблем.

„Од синдикатот бараа да ги вработиме на полно работно време, и сега тоа претставува проблем, што е малку нелогично“, рече Груевски. Тој додаде дека ЈП „Национални Шуми“ во последните шест години нема вработено ниеден нов работник.

Бобан М. Илијевски

Новинар за работни односи, кариера и човечки ресурси