Ќе треба ли скроз да снема работници за да сфатат што е ПРИСТОЈНА РАБОТА?
Автор: Бобан М. Илијевски
Вчера беше Светскиот ден на Пристојна работа, па како и секоја година по тој повод би сакал да споделам мои размислувања на оваа тема.
Да бидам до крај реален, можеби оваа година, генерално, работните услови се за неколку нијанси подобри… во некои аспекти. Сепак, суровата реалност останува а тоа дека сѐ уште сме далеку од пристојни работни услови, особено во приватниот сектор.
Ова подобрување кое го споменав најмногу се должи на недостигот на работна сила. Работодавачите започнаа сериозно да ги преиспитуваат своите работни политики исплашени дека наскоро може да бидат принудени да стават клуч на својата компанија. Сепак, сѐ уште има дел на кои никако да им дојде паметот, па продолжуваат да ги потценуваат работниците и да ги прекршуваат нивните права. Очигледно дека ќе мораат да дојдат до “свршен чин” за конечно да сфатат дека со нивните постапки си одмагаат самите на себе, бидејќи ги бркаат вработените. Истите сѐ уште изгледа немаат слушнато за терминот пристојна работа, па еве ова писание нека им служи како потсетник.
Еднаш засекогаш сакам сите газди да разберат дека не ги критикувам оти ги мразам, туку оти сакам да им доловам дека со нивниот начин на третирање на работниците, самите се ставаат во ситуација да останат без истите. И покрај моето лошо искуство од минатото со газдите, целта ми е да ја кренам свеста кај нив, за да сфатат дека мораат, не дека требаат или дали сакаат – МОРААТ да ги почитуваат работничките права и да се стремат кон овозможување на пристојна работа на своите вработени.
На работниците им порачувам да продолжат да се борат за своите права и никогаш да не се потценуваат себеси, секогаш барајќи го она подоброто за себе. Воедно, да не заборават дека покрај правата имаат и обврски, пред сѐ, обврската да стекнуваат нови вештини и знаења, за да напредуваат во своите кариери. Се разбира, тука се и обврските на работното место. Барајте ги правата, но исполнувајте ги обврските.
На крај, морам да нагласам дека државата има огромна улога во создавањето услови за пристојна работа. Оттаму, надлежните институции мора будно да ги следат состојбите во работните односи и да се погрижат работниците да имаат ПРИСТОЈНА РАБОТА.

