Шефот на „Scale AI“ Џејсон Дроег: Љубопитноста, скромноста и инспиративното лидерство се поважни од искуството
Во време кога вештачката интелигенција го преобликува пазарот на труд, дипломите и долгогодишното искуство стануваат сѐ помалку пресудни за успех. Ова го истакнува Џејсон Дроег, директор на технолошката компанија „Scale AI“ (проценета на 30 милијарди долари), кој вели дека при вработување не гледа референци, туку исклучиво три клучни особини кај кандидатите.
„Не можам да бидам експерт за сѐ, па одлучив вработувањето да го поедноставам. Сѐ се сведува на три критериуми“, рече Дроег во подкастот „Lenny’s“.
Трите критериуми за успех
1. Љубопитност
Првата особина која ја бара е љубопитноста – способност да се поставуваат вистински прашања и јасно да се објасни начинот на размислување.
„Сакам луѓе кои учат брзо и сакаат да разберат како функционираат работите“, истакнува тој.
2. Скромна соработка
Втората особина е скромната соработка, односно подготвеност да се придонесе кон тимот без натпреварување и суета.
„Кога го градев менаџерскиот тим за Uber Eats, научив дека тимот мора да функционира како организам – каде што силите се надополнуваат, а конфликтите се намалуваат“, објаснува Дроег.
3. Лидерство преку инспирација
Третата особина е лидерството преку инспирација, а не преку авторитет.
„Вистинскиот лидер не командува – тој мотивира и се прилагодува на промените. Ако поседувате љубопитност, тимски дух и способност да ги инспирирате другите, успехот доаѓа природно“, додава Дроег.
Искуството вреди се помалку
Дроег смета дека денешниот пазар на труд повеќе не ја наградува должината на стажот, туку подготвеноста за учење и брзината на прилагодување. „Во светот кој се менува од месец за месец, љубопитноста и флексибилноста стануваат поважни од ригидното искуство“, вели тој.
Сличен став делат и други лидери од технолошкиот свет. Алберт Ченг, поранешен директор за производи во компаниите „Duolingo“ и „Grammarly“, смета дека најуспешни работници не се оние со најдолгото CV, туку оние кои имаат енергија и страст за мисијата.
Директорот на „LinkedIn“, Рајан Рослански, исто така додава дека иднината им припаѓа на оние кои сакаат да учат и да користат нови алатки – а не на оние со најскапи дипломи.
Извор: bizportal.rs

