ЕкономијаМакедонијаНовостиСветот на работникот

„Минималната саатнина ќе покаже колку сме непродуктивни во работењето“

   Време за читање 2 минути

Минималната саатнина ќе покаже колку сме непродуктивни, вели Претседателката на Организацијата на работодавачи на Македонија, Владанка Трајкоска во емисијата „Работник Подкаст“.

 

На прашањето кој е ставот на ОРМ за воведување на минималната саатнина, Трајкоска вели:

Сме разговарале на оваа тема со нашите колеги и соработници. Минималната саатнина е интересна категорија, меѓутоа мора да бидеме реални дека во многу компании ќе предизвика поместување, односно ќе покажеме колку сме непродуктивни во нашето работење, вели Трајкоска.

Таа смета дека минималната плата како таква, е една погрешна категорија. Во одреден период била добра да се воведе за да компаниите ги вреднуваат своите вработени, вели Трајкоска, истакнувајќи дека во денешно време кога сите компании се борат за работници не е важна минималната плата, туку е важно колку луѓето работат.

Потенцираше дека минималната саатнина ќе покаже колку „сите сме неангажирани во нашето работење“, па поради тоа смета дека сме многу поназад од сите европски држави кои ја имаат воведено, додавајќи дека можеби индустриските зони се понапредни во Македонија.

Порача дека треба да оставиме да поминат овие кризни периоди за да потоа се разговара на оваа прашање многу повеќе.

Инаку, порталот Работник неодамна ја отвори темата за тоа дали треба да се воведе минимална саатнина во Македонија. Експертите на ова прашање одговорија дека истата може да понуди пофер исплаќање на заработката на работниците.

Универзитетскиот професор по трудово право Лазар Јовевски, неодамна во изјава за Работник истакна дека пресметувањето на платата според концептот на минимална саатнина ќе биде пофер кон работниците, притоа се осврна на неисплаќањето на прекуврмените работни часови кое иако е регулирано со Закон, во пракса не се спроведува. Со воведување на минимална саатнина, оваа пракса би можела да се искорени.

 

Бобан М. Илијевски

Новинар за работни односи, кариера и човечки ресурси