Сигурно има работници од надвор кои би прифатиле да работат за нашите плати, вели Димитров
Бобан Илијевски
Недостигот на работна сила станува се поголем. Ова го вели Претседателот на Собранието на Организацијата на работодавачи на Македонија Ангел Димитров, во изјава за порталот Работник.
Според него, се бараат работници со разни вештини во речиси сите индустриски гранки.
Според Анкетата на Агенцијата за вработување на Република С. Македонија, за 2022 година, се побаруваат 3.511 лица со основно образование, 5.273 лица со средно образование и 1.407 лица со високо образование, рече Димитров повикувајќи се на податоците од Анкетата за работна сила на Агенцијата за вработување.
Кога станува збор за тоа какви работници се бараат, Димитров посочи дека недостигаат продавачи, шивачи, келнери, возачи, заварувачи, готвачи, хигиеничари…

Неговата констатација е дека младите луѓе не сакаат да работат во преработувачката индустрија, угостителството, трговијата на мало и слични дејности.
На прашањето што Организацијата на работодавачи мисли за увозот на работна сила и дали имаат поднесено иницијатива за олеснување на законските процедури за увоз на странски работници, Димитров истакна дека итно и неопходно е да се направи либерализација на вработувањето на странци.
Моменталната процедура е сложена и ограничувачка. Таа мора да се либерализира и поедностави. Сигурно е дека постојат работници од надвор кои ќе прифатат да работат кај нас во овие услови и со овие плати.
Организацијата на работодавачи, како што вели, веќе го истакнала овој проблем пред надлежните институции, а Димитров верува дека во иднина ова прашање ќе се реши.
Порталот Работник неодамна разговараше и со Министерството за труд и социјална политика токму на оваа тема, од каде што рекоа дека се отворени за предлози во однос на олеснувањето на процедурите за перманентно вработување на странци во Македонија.
Неодамна туристичко – угостителската комора при Сојузот на стопански комори понуди решение за надминување на проблемот се недостигот на работна сила во овој сектор, преку увоз на 5,000 работници во Турција.
На ова реагираа од Синдикатот за угостиелство и туризам од каде посочија дека треба само малку да се зголемат платите за да угостителските работници останат да работат во Македонија.
Фото: Freepik

