Вести

Новите вработувања пред избори не се политички. Мислам…

Автор: Бобан М. Илијевски

На 8 мај ќе се одржат редовни парламентарни избори кои ќе одредат кој ќе ја формира новата Влада. Политичките партии, особено оние кои се на власт, започнаа да си обезбедуваат гласови употребувајќи, да кажам, повеќе алатки. Една од нив се и вработувањата во јавниот сектор. Да бидам искрен до крај, оваа алатка ја користеа сите политички гарнитури кои беа на власт. Затоа и државната и јавната администрација ни е толку политизирана.

Нови вработувања на пет месеци пред избори

Пред некој ден, АД ЕСМ објави дека им се потребни 500 нови работници. Написите во медиумите предизвикаа низа на бурни реакции, со оглед на фактот што огласот доаѓа на пет месеци пред изборите.

Од компанијата реагираа преку соопштение, во кое наведоа дека имале потреба од преку илјади вработени. Јас како новинар им упатив прашање зошто токму во овој период објавуваат огласи, на што од таму ми го испратија веќе објавеното соопштение. И тоа пазете, со кадар кубуреле уште од 2020 година, а енергетската криза во текот на изминатата година создала, како што велат, уште поголема потреба од работна сила.

Да го објавеа огласот пред неколку месеци, во ред, но тоа што го објавуваат откако веќе се знае кога ќе бидат изборите, навистина делува сомнително. Истото важи и за огласите кои ги објавија и другите институции. Сето тоа мириса на обезбедување на гласови преку вработувања.

МФ им ја предаде палката на институциите

Започнувајќи од 1 јануари, Министерството за финансии нема повеќе да одобрува нови вработувања во јавниот сектор. Тоа ќе им биде препуштено на самите институции и органи на системот. Прв за ова се пофали Министерот за здравство, кој рече дека Министерството ќе биде тоа кое ќе ги одобрува новите вработувања во здравството.

Интересно е тоа што оваа одлука, исто како и вработувањата, доаѓа на само пет месеци пред парламентарните избори. И покрај тоа што Министерот за финансии рече дека за нереалните вработувања ќе имало кривична одговорност, тешко ми е да поверувам дека тоа ќе се спроведе во пракса. Зошто? Одговорот е очигледен – поради тоа што досега никогаш немало одговорност за политички вработувања. Ние имавме луѓе, а можеби и се‘ уште имаме, кои седеа дома или беа на работа во странство, а се водеа како вработени во одредени институции и земаа плати. Така што, тврдењето дека ќе имам некаква кривична одговорност, што би рекле Американците (преведено на македонски) „не го купувам“.

Очекувам дека како што се приближуваат изборите да гледаме уште многу работи кои ќе упатуваат на обиди за некакво обезбедување на гласови. Се разбира, обиди може ќе има и од опозицијата којашто е власт во голем дел од општините.

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и Главен и Одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk